Планинарски Спортски Клуб - БИСТРА

 

Од 03 Август состаноците се одржуваат од 18.00 часот

 
 
 
Август
 
 





ЖИВКО ТЕМЕЛКОСКИ

     

Еден од најактивните членови на  Планинарскиот спортски клуб  ,,БИСТРА,, при МВР- Скопје,  кој има дадено голем придонес во развојот и унапредувањето на Македонскиот планинарски спорт како и на Македонскиот полициски спорт  е Живко Темелкоски.

 

Роден сум на 26.02.1960 година во Прилеп. Со планинарство почнав да се занимавам во 1984 година a  се зачленив во  ПД Бистра при МВР Скопје на 02.04.1986 година.Прва планинарска акција во рамките на активностите на друштвото ми е учество на планинарскиот маратон од Богомила преку Планинарскиот дом Чеплес-врвот Солунска глава-Планинарскиот дом Караџица-Марков манастир-врв Водно во април 1986 година. Во почетокот од моето планинарење со оглед на тоа што ја познавав само релацијата од Богомила до Скопје преку Солунска глава, многу често, скоро секоја недела и во лете и во зима со моето куче (шарпланинец) бев на ова планинарење. Во зимски услови без никаква посебна опрема, дури со обични платнени патики заедно со мојот верен другар шарпланинец се искачував на Солунска глава и од таму преку ПД Караџица преку Горно Количани, Батинци и село Сопиште пристигав во Припор каде што живеев. Денес моја фаворизирана планина е Шар планина и посебно Титов врв, на кој се имам искачено повеќе од 180 пати.

 

Од 1990 година сум избран за претседател на овој најактивен планинарски клубво Републиката.

 

Резултат на моите знења и долгогодишно планинарско искуство бев заменик на претседателот на Планинарскиот сојуз на Македонија односно Сојуз на планинарски спортови на Македонија во периодот од 1996-2000год.  Подолг период бев член на Претседателството на Федерацијата на планинарски спортови на Македонија и заменик на претседателот на ПСМ односно СПСМ, заменик на претседателот односно вршител на должноста претседател на Македонската планинарска асоцијација. Сега сум член на претседателството на МПА и на ФПСМ.

 

Бев прогласен за најактивен планинар на Републиката за 1995,1996,1997,1998,1999,2000,2001 и 2002 година.

 

Досега освен врвовите на сите балкански планини, меѓу поважните планински врвови се имам искачено на Килиманџаро  6010мнв, највисокиот врв во Африка  во 1991 година како претставник на Македонија  во Југословенската планинарска експедиција и Понт Ленана  5200мнв во Кенија.

 

Во  1989 година во состав на Југословенската  експедиција бев на  Елбрус-5642мнв. Кавказ-највисокиот врв во Русија.

 

Во 1994 год. се искачив на Мон Блан 4807мнв, највисокиот врв во Европа, каде прв го поставив новото македонско знаме (16 кракото златно сонце )  и на Глос Глокнер  3800м највисокиот врв во Австрија.

 

 Во 1996 год. повторно бев на Мон Блан каде прв го поставив новото (постојното) македонско знаме.

 

Во 1997 год. се искачив на Ерџијас 3900мнв во Турција.

 

Во  1998 год.  бев  на Аконкагва – Анди Аргентина – Јужна Америка.

 

Во 1999 година повторно бев на Килиманџаро каде го поставив  за прв пат новото Македонско знаме.

 

Во 2000,2001,  2002, 2003, 2004, 2005, 2006, 2007,2008 и 2009 год. се искачив  на Арарат 5165мнв. највисокиот врв во Турција во рамките на меѓународните искачувања на овој врв што ги организира Турската планинарска федерација на кои ја преставував Република Македонија.

 

Во 2000год. се искачив на Дамавант 5671мнв. највисокиот врв во Иран и во Средниот Исток, во рамките на првото меѓународно искачување на овој врв што го организираше Планинарската федерација на Исламската Република Иран под покровителство на ООН, преставуваќи ја Република Македонија.

 

Во 2003 година се искачив на Качкар-Р.Турција каде ја водев Македонската планинарска експедиција на меѓународното искачување на оваа најубава планина во Р.Турција.

 

Во  2007 година во јуни месец ја организирав и водев 15-сет члената Македонска планинарска експедиција  на највисокиот врв во Средниот  исток, планината Дамаванд во Исламската Република Иран каде сите членови успеаја  да се искачат на  врвот.

 

Прв го истакнав Македонското знаме (16 кракото) и постојното знаме на Кораб 2764мнв, највисокиот врв во Македонија, Мусала 2925мнв-Р.Бугарија, највисокиот врв на Балканот, Олимп 2917мнв-највисокиот врв во Грција, Вихрен 2915мнв-Р.Бугарија-трет врв по висина на Балканот. Мон Блан-највисокиот врв во Европа, Килиманџаро – највисокиот врв во Африка, Елбрус-највисокиот врв во Русија, Арарат – највисокиот врв во Р.Турција,Дамаванд-највисокиот врв во Средниот Исток.

 

Досега сум бил организатор и водич на Македонски планинарски експедиции на Арарат во 2000, 2001, 2002, 2003, 2004, 2005, 2006, 2007, 2008 и 2009 година, на Ерџијас – Р.Турција во 1997 година,  на Качкар во 2003 година-Р.Турција, на Мон Блан во 1994 и 1996 година, На Грос Глокнер во 1994 година, на Дамаванд во 2000 и 2007 година, на Килиманџаро – Африка во 1998 година, и на Кавказ-Елбрус-Русија во 2009.

 

Сум учествувал во вкупно 22 планинарски експедиции. Во 18 експедиции сум бил организатор и водич.

За сите погоре наведени  планинарски успеси имало информации во електронските и печатените медиуми. За сите мои планинарски постигнувања има повеќе од 20 написи во дневно информативни печатени медиуми. Имам повеќе од 15 телевиски настапи после некои позначајни експедиции, или за активностите на клубот или за планинарството воопшто.

 

Годишно учествувам на повеќе од 50 планинарски акции, како во рамките на активностите на клубот ’’Бистра’’, така и во експедициите кои ги организирам или во кои учествувам. Секоја година имам експедиција на врв над 5000мнв.

Редовно учествувам на акциите на клубот ’’Бистра’’ согласно календарот на акции. Скоро на 90% од акциите на клубот сум организатор и водич.

 

Во 2004 година од страна на Федерацијата за планинарски спортови на Македонија ми беше доделена плакета за придонес во развојот и унапредувањето на планинарството.

 

Во мај 2008 година по повод 10 годишнината на Македонската полициска спортска федерација ми беше доделена Златна плакета за придонес во развојот и унапредувањето на Македонскиот полициски спорт.

 

 Во март 2009 година на годишното изборно собрание на Македонската полициска спортска федерација ,,7-ми Мај,, бев награден со плакета за постигнати високи резултати во 2008 година во областа на планинарството.

 

Досега за повеќе од 20 години активно планинарење, имам добиено поголем број на дипломи, признанија, пофалници, благодарници.

 

Резултат на сите погоре спомнати активности, а по повод   13 Ноември, денот на ослободувањето на град Скопје, на 11 Ноември 2009 година во простории на Сојузот за спортови на град Скопје, од страна на градоначалникот на град Скопје, Г-динот Коце Трајановски, на ПСК Бистра Скопје ми беше врачено највисоко признание од Сојузот на спортови на град Скопје односно ’’ПЛАКЕТА 13 Ноември’’. Плакетата во име на ПСК Бистра ја примив лично јас.

 

Резултат на сите погоре спомнати активности, а по повод   11 Декември, кој од страна на Собранието на ООН, во 2006 година е прогласен за МЕЃУНАРОДЕН ДЕН НА ПЛАНИНАТА, на 12 Декември 2009година на локалитетот МАТКА, од страна на претседателот на ФПСМ, Проф.Д-р Јовица Угриновски, на ПСК Бистра Скопје му беше врачено највисоко признание односно ’’ПЛАКЕТА ДАРЕ ЏАМБАЗ’’, а на мене и на сите членови на експедицијата ’’КАВКАЗ-ЕЛБРУС 2009’’ ни беа врачени посебни признаниа за високи планинарски достигнувања во 2009 година.

 

Досега од страна на ПСК БИСТРА Скопје  имам примено плакети како највисоко признание по повод одбележувањето на 30-сет и 50-сет годишнината  на клубот.

 

На прославата на 80-годишнината на Планинарскиот клуб ’’Љуботен’’ од Тетово, резултат на моите активности како и водењето на нивни членови на Килиманџаро во Африка, бев прогласен за ’’ПОЧЕСЕН ЧЛЕН НА КЛУБОТ ЉУБОТЕН’’.

 

Досега повеќе пати сум бил ангажиран од страна на МВР за пронаоѓање и вадење на погинати планинари или граѓани на планински непристапни места, како што беа случаите на Солунска глава кога погинаа 4 алпинисти и на Шар планина кога беше погинат еден жител од подшарпланинските села на непристапен планински терен како и за време на воениот конфликт.

 

Имам завршено повеќе курсеви за планинарски водич во летни и зимски услови. Поседувам значка и лиценца за планинарски водич во РМ бр.2.  Имам водено групи на планинари од други држави на планински врвови во РМ и другите Балкански држави.

 

Повеќе пати имам водено на наши планини , како Кораб, Солунска глава, Пелистер, Руен и други, високи претставници на држави како на пример претставникот на Европската Унија во РМ, Г-динот Ерван Фуере,  претседател на Република Словенија, Г-динот Кучан,   амбасадорот на САД-Г-динот Филип Рикер, потоа на на Велика Британија, Холандија, Унгарија  и други амбасадори во РM.

 

Со оглед на тоа што сум дипл.правник со положен правосуден испит, досега повеќе пати сум водел судски спорови за потребите на клубот Бистра и за ФПСМ, во врска со имотноправни спорови, планинарски домови, сум ги подготвувал статутите и другите правни акти во подолг временски период во клубот, МПА и ФПСМ и сум давал правни мислења за потребите на ФПСМ.

 

По повод 50-сет години од основањето на ПСК Бистра Скопје, во периодот од 10 до 26 јули 2009 година организирав Македонска планинарска експедиција на КАВКАЗ, врвот Западен Елбрус-5642м,  највисокиот врв во Европа.

 

Елаборатот за експедицијата доби согласност од претседателството на Македонската планинарска асоцијација (МПА) и од претседателството на Федерацијата за планинарски спортови на Македонија (ФПСМ). За оваа експедиција беше известена и Агенцијата за млади и спорт. Во оваа експедиција учествуваа 10 планинари од различни клубови и градови на РМ ( од ПСК Бистра Скопје, ПД Макпетрол Скопје, ПД Македон Скопје, ПСК Руен Крива Паланка, ПД Пелистер Битола, ПД Дуб Богданци). Во експедицијата како гости учествуваа и два члена , еден од ПД Победа а другиот од ПД Железничар од Белград, Р.Србија.

Без оглед на лошите временски услови кои не затекнаа при искачувањето на врвот , во услови кога многу планинари  и експедиции се враќаа од под врвот и не се качија, ние резултат на моето искуство и инсистирање успеавме да се качиме и да го истакнеме Македонското знаме.

Во врска со овој успех, и до ФПСМ и до МПА од моја страна како организатор и водич на експедицијата доставен е детален извештај за секој ден од експедицијата заедно со позначајни фотографии од врвот. Меѓу другото имавме и неколку телевизиски настапи во живо и објавени репортажи во дневни и неделни весници.

 

Ова беше прва Македонска планинарска експедиција на Кавказ-Елбрус. Досега членови од Македонија се имаат искачено на Елбрус, меѓу кои и јас  на два пати, меѓутоа секогаш како членови во поранешна Југословенска, Српска или друга национална експедиција.

 

 

 

Ажурирано 25 - 07 - 2010
Посетеност на сајтот
Денес: 37
 
Вкупно: 14865
 
oд март 2010
horvat horvat
Play chess online