ИЗВЕШТАЈ ОД АКЦИЈАТА „БАКАРДАН“
На 8ми Март 2009г П.С.К. „Бистра“ изведе еднодневна акција до врвот Бакардан (2704м) на Шар Планина. Поаѓањето од Скопје беше во 6:00 часот, со комбето на друштвото. На Шапка бевме околу 7:30 кога и групата составена од 9 члена (Живко Темелковски, Ица Цветковска, Стојан Нацевски, Благојче Петрушевски, Сашко Перовски, Славчо, Мики, Даниел Филиповски и Гоце Пановски) се упати кон врвот Церипашина. Времето беше сончево но ветровито и доста ладно (имаше потреба од дерези). Се напредуваше со добро темпо, меѓутоа кога стигнавме до втората куќичка од жичарата времето нагло се промени. Влеговме во густа магла, па бевме советувани од група планинари, кои се враќаа од врвот Церипашина, да не продолжуваме понатаму. Сепак, по кратка пауза, групата реши да продолжи и, иако во услови на магла, за кратко време бевме на Церипашина (2525м.н.в.). Тука времето почна да дава сигнали за подобрување па решивме наместо да се враќаме, да продолжиме кон Бакардан. Кај антените ни се приклучи и Љабинот Ахмети-планинар од клубот “НУН“ од Тетово. Времето сепак не се расчисти, па во услови на многу мала видливост успеавме да стигнеме до врвот Бакардан (некаде околу 13:30 часот). Љабинот Ахмети продолжи сам кон Титов Врв, иако беше одвраќан од наша страна. Сепак, подоцна дознавме дека и тој безбедно стигнал до Шапка. На Бакардан се задржавме само неколку минути бидејќи времето беше се полошо, и веднаш тргнавме назад. На враќање имавме мали потешкотии со пронаоѓањето на патот поради се погустата магла како и ветерот кој ги беше избришал нашите траги. Сепак, пред се, благодарение на искуството и присебноста на нашиот водич Живко, успешно стигнавме на Шапка некаде пред 19 часот. Акцијата беше изведена во услови на лошо време: густа магла, силен ветер и студ, кога планината ја покажува и својата сурова страна. Меѓутоа, токму тоа и дава на оваа акција посебна убавина и посебно место во сеќавањето на секој од учесниците.












Текст и фотографии: Гоце Пановски 01.04.2009