ИЗВЕШТАЈ ОД ПЛАНИНАРСКАТА АКЦИЈА „СОЛУНСКА ГЛАВА“
Согласно програмата на планинарски акции на клубот за викендот 14 и 15 март беше предвидена акцијата „Солунска Глава“. На состанокот одржан на 10 март за оваа акција се пријавија 8 членови на клубот, Живко Темелкоски, Буранедин Сали, Ислам Адиловски, Сашко Перовски, Стојан Нацевски, Ица Цветковска, Славчо и Благојче Петрушевски. Според програмата изнесена на состанокот беше договорено да се тргне на 14 март во саботата во 12.00 часот. Со оглед на тоа што при полнењето на нафта во комбето на излезот од Скопје имавме одредени проблеми (не се отвараше капачето од резервоарот) додека баравме решение за надминување на проблемот, дојде 14.00 часот, така да во комбето ни се приклучи и Кирил Костовски кој имал намера после неговото работно време да замине за Богомила со воз па отаму за Планинарскиот дом Чеплез. Така со закаснување од 2 часа се упативме за селото Папрадиште каде после 2.30 часа возење стигнавме во селото каде редовно при одење на Солунска Глава го паркираме нашето комбе со кое патуваме на сите планинарски акции. После скоро 2.30 часа пешачење од селото, стигнавме во Планинарскиот дом Чеплез кој се наоѓа на 1450м надморска висина. Во планинарскиот дом со мало закаснување после нас пристигна и планинарот од планинарското друштво Солунска Глава, Марјанчо. Наредниот ден тргнавме кон Солунска глава во 6.00 часот наутро. Со оглед на големиот снег пешачевме со релативно споро темпо. Бидеќи поголемиот дел од патот до врвот беше замрзнат, моравме да ставиме дерези. На врвот стигнавме во 12 часот, што значи после точно 6 часа пешачење. Времето беше без ветар за разлика од претходниот ден кога и во Скопје на тргнувањето дуваше силен ветар. Голема видливост. Се гледаше цела Македонија. Сите повисоки врвови од Македонија како Пелистер, Кожуф, Кајмакчалан, Крчин, Дешат, Галичица, Јабланица, Шар Планина, можеа многу чисто и јасно да се видат и препознаат. Немаше никаков облак или узмаглица која би можела да го попречи нашиот видик. Многу јасно се гледаа и врвовите Мусала и Вихрен во Бугарија како и Олимп во Грција. На врвот на Солунска глава бевме пречекани од колегите кои таму работат и послужени со топол чај за што сне им благодарни. На врвот се задржавме околу 30 минути. Во планинарскиот дом Чеплез стигнавме после точно 3.00 часа спуштање. Во планинарскиот дом се задржавме околу 1.00 час , пауза која ја искористивме за ручек после што се упативме за селото Папрадиште од каде во 6.00 часот тргнавме за Скопје.

















Текст и фотографии: Живко Темелкоски