ИЗВЕШТАЈ ОД 29-тиот ПЛАНИНАРСКИ МАРАТОН, БОГОМИЛА-П.Дом ЧЕПЛЕС-СОЛУНСКА ГЛАВА-П.Дом КАРАЏИЦА-МАРКОВ МАНАСТИР-ВРВ ВОДНО
Се започна во сончевото петочно утро кога една група планинари од ПСК „Бистра“ се сретнаа во возот во 06:40 часот од Скопје за Богомила. Одејќи попатно се качуваа планинари од други места и градови, а веќе имаше и една група планинари од Р. Србија – Нови Сад. Стигнавме во Богомола, од тука со такси до с. Папрадиште. Некои по патеката наречена Сеча, а некои по Кружната патека до Планинарскиот Дом Чеплес. Целта на овој ден беше да се соберат сите планинари за маратонот. Некои истиот ден се упатија кон врвот Солунска Глава, а некои кон изворите на реката Бабуна. Вечерта сите бевме во домот и се подготвувавме за наредниот ден. Саботно утро, станавме во 05:00 и по направените проверки во 06:00ч се построи колоната и свирчето на Благоја Петрушевски го означи почетокот на маратонот во кои учествуваа 28 планинари. Утрото ни најавуваше добро време. За некаде 50 мин. стигнавме во Долна Бабина Дупка, куса пауза и тргнуваме нагоре, но сега јас водам Никола Тодоровски. Бев горд и задоволен што ја водев групата. Ја поминавме Горна Бабина Дупка и се качивме на врвот Солунска Глава 2550 мнв. нешто пред 10:00 часот. Не пречекаа од Полиција и АРМ и не почестија со топол чај. Времето беше прекрасно, немаше облак во близина, се сликаме – се смееме, не ни се оди од врвот, се е бело околу нас, снегот е уште тврд. Тргнуваме покрај оградата и од другата страна по столбовите да се спуштаме, но веќе по околу 500м висинска разлика снегот почнува да попушта од јакото сонце и веќе се пропаѓа по 30-50 см. на некои места. Во 11:30 ч. сме на Бегово Поле, 20 минутна пауза, сите гледаме кон Солунска Глава со задоволна насмевка на лицата, и лесно продолжуваме понатаму кон напуштениот објект Дуње и кон Планинарскиот Дом Караџица. Домот се реновира, но тоа не е пречка за да не прими нас, се сместуваме и се релаксираме со чај, пиво и добра народна музика. Недела, во 06:00ч продолжуваме понатаму, Благоја води кон с. Алдинци, мостот на Кадина Река, се искачуваме на Празни Торби и на изворот се одмараме. Некои берат Петопрст (викаат се ставало во чај, било добро) и продолжуваме кон с. Цветово, 11:30ч Марков Манатир а тука е веќе нашиот другар и член на Бистра, Илија со сопругата и кучето Лама чекаат да не послужат со топол чај и кафе. Посета и на манастирот и во 12:00 ч. продолжуваме преку лојзата, Д. и Г. Соње кон крстот на Водно, кој ни стануваше се поголем, и мирисот на гравчето се чуствуваше (барем така викаа многумина). Еве сме на врвот, пред Планинарскиот Дом „Даре Џамбаз“, гужва на терасата - се слуша викање АУАУАУАУ, овации, бодрење, ракоплескање, честитки до нас од сите присутни, тука е и нашиот претседател на ПСК „Бистра“ – Темелкоски Живко кој прв не пречека кај крстот и на сите поединечно ни честита, потоа домарот Живоин, Геле, дежурните Раде и Стојан, Таки и Лиле, и влегуваме внатре, се раскомотуваме и се освежуваме со чај и салата и сега навистина ни мириса на топло ГРАВЧЕ. После завршувањето на ручекот, претседателот на клубот, Темелкоски Живко премина кон доделување на признанија, значки и знаменца на клубот „Бистра“ на планинарските друштва и на поединци учесници на маратонот. Во поздравниот говор што претседателот го упати до сите учесници, не запозна дека на овој 29-ти планинарски маратон кој се одржува во континуитет без прекин, учествувале вкупно 28 учесници, од кои 22 од Македонија и 6 од Р.Србија, од кои 4 припаднички на поубавиот пол и останатите мажи. Учествувале вкупно 28 учесници од 6 планинарски друштва/клубови од кои 2 (ПД „Нафташ“ од Нови сад и ПД „Вилина Водица“ од Буковци) од Р.Србија и 4 од Р.Македонија (ПД „Бистра“ Скопје, „Орле“ Кавадарци, АСКК „Стенае“ од Неготино и ПД „Солунска Глава“ од Велес). На овој маратон учествуваа и три претставници од МВР, од единицата за специјални задачи, кои се и членови на планинарскиот клуб „Бистра“ при МВР Скопје. При доделувањето на признанијата, претседателот Темелкоски ги запозна учесниците дека Николче Тодоровски со 17 години е најмладиот а Нацевски Стојан (и двајцата од ПД „Бистра“ Скопје) најстариот учесник на маратонот. После доделувањето на признанијата, сите учесници беа замолени да излезат пред домот заедно со добиените признанија, кај карпата, и да бидат направени неколку фотографии кои ќе сведочат за овој 29-ти планинарски маратон, што беше и направено.









Фотографии: Божиновски Сашо - Саленио и Темелкоски Живко
05.05.2009