ИЗВЕШТАЈ ОД УЧЕСТВОТО НА МЕМОРИЈАЛОТ „ДИМИТАР ИЛИЕВСКИ МУРАТО“, ИСКАЧУВАЊЕТО НА „ЗЛАТОВРВ“ И „МАРКОВИ КУЛИ“
Согласно програмата на планинарски акции на клубот, за викендот 09 и 10 мај а согласно и поканата на ПД „Пелистер“ од Битола за учество на меморијалот „Димитар Илиевски Мурато“ беше предвидена акцијата односно учество на овој меморијал кој се одржува секоја година во првиот викенд од мај месец во чест на Димитар Илиевски Мурато, освојувачот на Монт Еверест кој за жал таму го остави и својот живот. На состанокот на клубот после читањето на поканата и програмата за овој меморијал согласно која требаше да се тргне за Битола уште од петокот и да се остане до неделата, немаше интерес, и тргнувајќи од тоа дека скоро секоја година ние учествуваме на ова меморијално искачување на Пелистер при што после тоа веднаш истиот ден заминуваме на Златоврв во близината на Прилеп, поголем број (12) члена од клубот се пријавија за овој начин на учество при што се посетуваат освен Пелистер и Златоврв и Марковите кули над градот Прилеп. На пат се тргна на 9 мај (сабота) рано утрото во 4.30 часот. На лице место поради оправдани причини не дојдоа 2 члена од клубот. На пат заминавме точно 9, јас кој го пишувам овој текст (Живко Темелкоски), Сашо Перовски, Стојан Нацевски, Ица Цветковска, Јане Стојановски, Сашо Божиновски, Рајна Бадева и незината другарка Величе и најмладиот член Андреј Темелкоски. На Палиснопје пристигнавме околу 7.00 часот кога всушност тргнала и колоната на планинари учесници на овој меморијал. За разлика од сите други учесници кои се движеа по патот во правец на Ловечката куќа, ние веднаш со цел да го скратиме патот и да уживаме во „Моликата“ на Пелистер, го напуштивме патот и заминавме преку прекрасната шума по патеката за „Широка“ која повторно излегува на патот пред ловечката куќа. Првата пауза ја имавме на „Ловечка“ каде по правило секоја година таму од страна на организаторот се дели топол чај. Веднаш од ловечката куќа почнуваше снегот кој мораше да се гази се до врвот на Пелистер и назад. Времето беше сончево и прекрасно за пешачење. Некаде околу 12.00 часот стигнавме на самиот врв каде имаше безброј планинари-учесници на меморијалот. Пешачејќи кон врвот, многу планинари кои или не поминуваа или се симнуваа од врвот, го поздравуваа и го бодреа нашиот најмлад член, Андреј Темелкоски, во смисла дека не виделе помлад учесник на ова искачување, а тој пак со ова добиваше елан уште побрзо да оди и да стигне на врвот. Ова искачување на Пелистер на Андреј не му е прво. Првото беше минатата година во август кога престојувавме во ПД Копанки на 8 дневен летен одмор. Тогаш Андреј се качи на Пелистер без никаква претходна подготовка, со сандали, облечен само со една маичка со прерамки и кратки гаќички. На врвот на Пелистер останавме скоро пола сат со цел да направиме неколку фотографии и да касниме некој сендвич. Бидеќи нас не чекаше истиот ден и искачување на Златоврв, моравме што побргу да го напуштиме врвот на Пелистер. За разлика од сите други кои се спуштаа по истиот пат по кој и се качиле (по патот до Ловечка и потоа само по патот до Копанки), ние се спуштивме преку гребенот од кај „Болници“ и за многу кратко време стигнавме до нашето комбе. Од таму се упативме преку Битола, Прилеп до селото Мажучиште каде го оставивме комбето и се упативме кон Манастирот Света Богородица „Трескавец“. Освен јас и Стојан Нацевски, сите други за прв пат доаѓаа на овој терен. Во манастирот стигнавме околу 21.30 часот. Како што е редот во секој манастир, добивме одвоени соби со кревети каде се сместивме. Со оглед на тоа што тој ден пешачевме повеќе од 12 часа, скоро сите веднаш заспаа и цела ноќ не се помрднаа во креветот. За ова сигурно допринесе и големата тишина која владее во манастирот и надморската висина. Наредниот ден во неделата, после посетата на црквата и палењето на свеќи, после доручекот излеговме надвор од манастирот од каде се пружа прекрасен поглед на Пелагонија, Прилеп, Битола, Пелистер, Солунска Глава итн. Со оглед на тоа што јас сум роден во Прилеп и моето детство го имам поминато во селото под Златоврв (с.Забрчани, селото на мојата мајка) ги запознав членовите со околните населени места, кое село како се вика, која планина или врв е пред нас, лево и десно во круг од 360 степени. После ова се упативме кон самиот врв Златоврв, кој е со 1422 мнв. Искачувањето на овој врв е доста специфично, камем на камен, при што е потребно големо внимание на секој чекор. Поради тоа за секој случај јас носам јаже со кое заради поголема сигурност се врзуваат членовите и добиваат психичка безбедност и стабилност при искачувањето до самиот врв. Со оглед на зараснатата патека, мал е бројот на оние кои доаѓаат да го посетат манастирот а при тоа и да се искачат на овој не така обичен врв. Од самиот врв каде одвај има место двајца да застанат, се пружаат прекрасни погледи на сите страни. На самиот врв има метален крст. По симнувањето од врвот, од страна на Монахот Калис, бевме запознаени со историјата на манастирот. После ова, бидејќи не очекуваше симнување до селото Мажучиште каде беше нашето комбе, и потоа искачување на Марковите кули, моравме што побргу да го напуштиме манастирот, поли со прекрасните убавини кои ги видовме во и околу манастирот. Јас и мојот син Андреј кои се симнавме малку порано до комбето, се упативме до селото Забрчани со цел на родителите на мојата мајка, мојот дедо и баба кои се починати пред повеќе години, да им запалиме по една свеќа. Кога стигнавме во Варош, комбето го паркиравме пред манастирот „Св.Михаил и Архангел“ споменик на културата под заштита на законот, во кој се наоѓа вториот по старост запис со кирилско писмо. Во близина на овој манастир во месноста Варош, има остатоци од десетина цркви стари и повеќе од 1000 години. После разгледувањето на манастирот се упативме кон Марковите кули кои по природната убавина ги споредуваат со „Метеорите“ во Грција и Кападокија во Турција. Искачувањето до врвот иако не е временски многу долго (околу 1.30часа) е доста стрмно. Патеката води покрај многу кули од времето на Крали Марко. Покрај остатоците од некогашната населба, може да се види камениот престол, на кој се претпоставува дека тука биле крунисани кралевите. Од самиот врв на Марковите кули, кои Прилепчани ги викаат „Маркукуле“ се пружаат прекрасни погледи на сите страни (на Златоврв, Плетвар, Прилепското езеро, Селечка планина, Пелистер, на самиот град Прилеп кој просто е под Вашите нозе, на Пелагониската рамница итн). Исто така може да се види и статуата на слон, жаба и др. извајани од мајката природа. Од пред скоро 10 години на самиот врв има поставено голем христијански крст. Прилеп го напуштивме точно во 19.15 часот упатуваќи се кон Скопје каде стигнавме околу 21.30 часот.

























































Текст и фотографии: Живко Темелкоски
18.05.2009