ИЗВЕШТАЈ ОД АКЦИЈАТА ДЛАБОКА РЕКА
Согласно програмата на ПСК Бистра за 07 јуни оваа година беше утврдена акцијата „Длабока река“. За оваа акција на состанокот на кој се утврдуваше програмата за реализација на акцијата, се пријавија голем број на заинтересирани (24) за да после состанокот се пријават и други кои разбрале за оваа акција после состанокот. Проблем кој се наметна беше како да патуваме до селото Нистрово, со кој превоз за вака голема група. Минибус не може да врти на острите кривини до селото поради неговата должина. Комбиња како нашето со 8+1 бараат 100 евра за превоз, пари за кои нашето комбе 6 пати може да оди и да се врати. На крај се договоривме да патуваме со нашето комбе и уште 3 лесни возила. Утрото на 07 јуни во 5 часот пред Нова Македонија се појавивме точно 24, Живко Темелкоски, Ване Исаиловски, Никола Тодоровски, Јане Стојановски, Ислам Адиловски, Даниел Филиповски, Буран Сали, Елизабета Ѓорѓиевска, Гоце Пановски, Ица Цветковска, Славчо Стефанов, Велибор Соколовски, Виктор, Кирил Костовски, Сашо Божиновски, Сашко Перовски, Томислав, Ранко Антов, Геле Гелевски, Стојан Меловски, Раде Димовиќ, Слободанка Пендовска. Патот за селото Нистрово се издвојува десно од патот Маврови Анови – Дебар, некои 4 км после издвојувањето за Стрезимир. Од издвојувањето од асфалтниот пат до селото Нистрово има 7 км. Од селото Нистрово до водопадот има околу 5 сати пешачење. Патеката води преку селото Жужње. За жал селото Жужње е напуштено, и поголем број од куќите се разрушени и остава многу лош впечаток. Се е зараснато, од нигде не може да се слушне глас на човек или некое домашно животно. Во селото нема останато ни еден жител. Реката скоро за цело време поминува низ шума која на одредени места е тешка за поминување. Реката на две места треба неизбежно да се премине што со оглед на надојденоста на реката поради топењето на снеговите е доста отежнато и е потребно поголемо внимание. Со оглед на тоа што ние на оваа акција бевме и лани, поучени од необезбедените премини преку реката, овој пат понесовме и јаже, турнавме некои големи и долги дрва преку реката со цел побезбедно преминување. Поголемиот дел од нас мораа да ги соблечат чевлите бидеќи несакаа истите да ги наводенат а уште повеќе што дрвата или балваните по кои се преминува се премногу влажни, преку нив тече вода и поради тоа што се многу лизгави подобро се преминуваат доколку сте бос. Од двете страни на реката, од стрмнините се спуштаат помали и поголеми потоци кои ја збогатуваат и зголемуваат реката. По излезот од шумата, кога водопадот е пред вашите очи, за да се стигне до него ви се потребни околу 2 часа.Водопадот е импресивен. Неговата височина е околу 137 м. За жал водопадот е од времен карактер, само додека се топат снеговите. Потоа нема ништо од него. Поради ова ако некој сака да го посети и да го види во неговата полна сила и импресивност, тоа треба да го направи најкасно до 15 јуни под услов да зимата била обилна со снегови. На враќање еден дел од нас со цел да не се враќа по истата патека по течението на реката, се вратија по горниот дел од шумата, кој пат воопшто не е за препорачување, бидеќи на одредени места маркацијата се губи, цело време се наоѓате во густа шума и немате никаква прегледност на теренот околу вас. Поголемиот дел од групата се вративме по истата патека по која и дојдовме, со цел да уживаме по течението на реката и покрај небезбедните премини преку реката. Овој пат преминот преку реката одеше многу побрзо. Луѓето го немаа оној ист страв што го имаа пред тоа, кога првпат ја поминуваа реката. На крај патеката се симнува и ве внесува во селото Жужње, покрај самата црква и продолжувате по веќе познатата патека по која сте дошле претходно до селото. Во селото Нистрово стигнавме во 21.00 часот. Во Скопје некаде околу 23.30 часот.
Во прилог погледајте неколку фотографии од оваа акција.


































11.06.2009