ИЗВЕШТАЈ ОД ЗАЕДНИЧКА ПЛАНИНАРСКА АКЦИЈА НА ТРAПЕЗНИЦА СО ПЛАНИНАРСКИТЕ ДРУШТВА „ПОЛИЦАЈАЦ - ЈОСИФ ПАНЧИЌ“ од Белград, Р.Србија, и „КОМОВИ“ од Подгорица, Р.Црна Гора
Во согласност со традицијата на одржување на заеднички планинарски акции помеѓу планинарските друштва при МВР на Р. Македонија, Р. Србија и Р. Црна Гора, оваа 29-та година на заедничко дружење, домаќин на заедничката акција беше ПСК „БИСТРА“ од Скопје Р. Македонија. Ова беше 56 заедничка планинарска акција. Согласно поканата и програмата од нашиот клуб, домаќин на акцијата, испратена до именуваните планинарски друштва, средбата беше закажана за 12, 13 и 14 јуни. Место на одржување, Попова Шапка, со сместување во планинарскиот дом „Смрека“ кој е на 1800 мнв. Согласно поканата од секое покането планинарско друштво можеа да учествуваат до 20 члена. Од нашиот клуб на оваа акција учествуваа 25 члена: Живко Темелкоски, Андреј Темелкоски, Ранко Антов, Благој Петрушевски, Геле Гелевски, Стојан Меловски, Ружица Меловска, Стојан Нацевски, Раде Димовиќ, Тодор Божиновски, Лилјана Диковска, Димитар Диковски, Елизабета Ѓорѓиевска, Никола Тодоровски, Драги Петров, Даниел Филиповски, Сашо Божиновски, Кирил Костовски, Сашо Перовски, Живко Видовски, Марин Цветановски. Согласно програмата тргнувањето од Скопје заедно со гостите беше закажано на 12 јуни во 17 часот откај Новата Железничка станица. Одредени членови од клубот (Димитар Диковски, Лиле Диковска, Геле Гелевски, Раде Димовиќ, Стојан Меловски и Ружица Меловска) кои на последниот состанок на клубот беа определени да работат во кујната во планинарскиот дом „Смрека“ заедно со набавената храна заминаа со нашето комбе на Шапка во петокот во пладневните сати со цел да имаат време да ја подготват вечерата за гостите. Гостите од ПД „Јосиф Панчиќ“ заедно со нашите членови со закупен автобус пристигнаа во ПД „Смрека“ некаде околу 19.30 часот. Гостите од ПД Комови, вкупно 8, на пат тргнале после нивното работно време и со две возила рента кар, стигнаа рано утрото во саботата околу 04.00 часот. Во саботата согласно програмата во 7.00 часот сите учесници се упативме на планинарска тура со цел искачување на Трпезница 2610м и посета на Бело и Боговинско езеро. Се движевме по патот до Вакуф за да потоа се упатиме во подножјето на Бакардан и Мал Турчин и по блага патека без никаков напор сите заедно после 7 часа пешачење да стигнеме до Трпезница. Со оглед на тоа што имаше членови кои никогаш не биле на Титов врв, им беше дадена можност водени од наш член (Сашо Перовски) да се искачат на Бакардан, Титов врв и Мал Турчин и потоа да ни се приклучат на патот за Трпезница. На врвот на Трпезница стигнавме во 14.00 часот. Таму имавме ручек од ранец и после задолжителното фотографирање се упативме назад. Со оглед на тоа што замислената обиколка на двете езера ќе ни одземеше многу време и ќе не фатеше мрак, ги погледавме езерата од врвот на Трпезница и решивме да се враќаме по истата патека назад. Целиот ден времето беше променливо облачно со сончеви периоди што ни овозможи без употреба на многу вода или течности, да се качиме на врвот и да се вратиме назад и без да почувствуваме некој поголем напор. Назад во Планинарскиот дом се вративме во 20.15 часот. Вечерта како што е традиционално со години наназад, имавме обраќање на претседателот на планинарското друштво кое е домаќин и организатор на заедничката планинарска средба, така и оваа гостите беа поздравени и им беше посакано добредојде и убав помин на Попова Шапка и во Македонија воопшто. Од страна на претседателот на Бистра на претседателите на планинарските друштва од Србија и Црна Гора им беше врачен национален пијалок од Македонија „Струмичка Мастика“. Исто така и од нивна страна беше возвратено со нивни национален пијалок, со слика со планински мотив како и со маици со напис на нивното планинарско друштво. После вечерата се продолжи со музика до касно во ноќта. Утрото пред планинарскиот дом Смрека дојдоа голем број на велосипедисти со точаци наменети за возење по планински терени кои имаа за цел да ја поминат релацијата од Попова Шапка до Маврово во должина од 87км. Во неделата после доручекот согласно програмата, сите заедно се упативме за селото Беловиште со цел посета на Беловишкиот водопад каде се задржавме до 15.00 часот а потоа направивме посета и на манастирот „Св. Атанасиј“ во село Лешок. После ова гостите од Р.Црна Гора беа испратени од Тетово за Охрид од каде заминуваат преку Албанија за Р.Црна Гора, а гостите од Р.Србија беа испратени на Железничката станица во Скопје кои во 20.30 часот имаа воз за Белград. На оваа заедничка планинарска средба присуствуваше и претседателот на Планинарската федерација на Р.Црна Гора, Г-динот Бранислав Перовиќ, кој се приклучи во саботата навечер. Најмлад учесник на ова заедничко планинарско дружење беше Андреј Темелкоски (6години) а најстар Геле Гелевски(преку 80) и двајцата од ПСК Бистра Скопје. Во прилог неколку фотографии од ова заедничко планинарско дружење.
























Текст и фотографии: Живко Темелкоски 16.06.2009