Планинарски Спортски Клуб - БИСТРА

 

Од 03 Август состаноците се одржуваат од 18.00 часот

 
 
 
Август
 
 





ИСКАЧУВАЊЕ НА ГОЛЕМА ВРАЦА – 2582 мнв  и ЌУРКОВ ДОЛ – 2110 мнв

 

Според договореното на состанокот на 14 Јули, заминавме во Петок на 17 Јули во 17.30 часот од Скопје за Шар Планина поточно до село Горно Јеловце. Попатно застанавме во Гостивар да се видиме со нашиот другар планинар од ПД БИСТРА - Гостивар и еве прилика јавно да им се заблагодариме на ПД БИСТРА – Гостивар за одличната соработка и пружена логистика за ова искачување на Голема Враца.

Се сместивме во Планинската куќа Шарски Води и наредниот ден Сабота тргнавме во 04.30 ч. кон врвот Голема Враца и тоа Влатко Лазаров, Буранедин Сали, Благоја Петрушевски, Стојан Нацевски, Никола Тодоровски, Славко Стефанов, Димовиќ Раде и јас-Сашо Божиновски – Саленио. Во селото ни се приклучи уште еден планинар – Гаро.

Врвот Голема Враца малку луѓе во Македонија го искачиле, поради тешката пристапност до него како и целодневното пешачење – турата е многу напорна, долга, се пешачи 14-15 часа а и самиот врв е доста стрмен. Прво се искачуваме до месноста Будим гроб некаде околу 2200 мнв., па се спуштавме во кањонот Маздрача, до 1700 мнв.,(слободна моја проценка) и ја поминавме реката Маздрача за да од тука се упатиме кон врвот. До врвот пристигнавме движејќи се по сртот од неговата десна страна.Во 11.30 ч. бевме на врвот Голема Враца ( не носевме книшки за да ни удрат печат :), се задржавме пола саат. Глетката беше прекрасна, се гледаа сите околни врвови, какоТрапезница со Бело езеро во нејзиното подножје, Титов врв, Мал Турчин, Крчин, Дешат,Кораб. Спуштањето го направивме од другата страна на врвот. Патот не води до езеро кое се наоѓа на седлото меѓу Мала и Голема Враца. Овде е поставен и граничниот камен со Косово. И се знае :) – езерото е плитко и водата е топла (капење), а покрај езерото имаше и голема површина покриена со снег. Извори има 5-6 до врвот. Се вративме во куќата околу 19.30 часот сите задоволни од поминатиот ден!

Недела !Утрото сите се излежувавме до 06.30 ч. и се припремивме за одење на планината Бистра на Врвот Ќурков Дол – (малку чудно звучи). Попатно собравме и чај за нашиот дом на врвот на Водно. Преку Маврово по патот за Галичник и се исклучивме лево исто по асфалтниот пат за скијачкиот центар Заре Лазаревски. Ова беше порелаксирано искачување, за два ипол часа бевме на врвот Ќурков Дол (Бистра) 2110 мнв. и потоа продолживме кон другиот одалечен 45 мин. врв Голем Брзовец кој се наоѓа над селото Тресонче. Од двата врва има прекрасна глетка. Покрај сите врвови кои се гледаат, а доминира Кораб со Мала Корабска врата, како на дланка се гледаат селата Лазарополе, Тресонче, Селце, Могорче, Осој. Целата тура траеше 5 часа. На враѓање, во Маврово не можевме да одолееме на уште едно капење.

Во Скопје пристигнавме во 20.00 часот.

Во продолжение погледнете го слајд-шоуто и уживајте во пејсажите и музиката.

   

   



Текст и фото: Сашо Божиновски – Саленио
 

23.07.2009

Посетеност на сајтот
Денес: 35
 
Вкупно: 14863
 
oд март 2010
horvat horvat
Play chess online