ИЗВЕШТАЈ ОД МАКЕДОНСКАТА ПЛАНИНАРСКА ЕКСПЕДИЦИЈА НА КАВКАЗ-ЕЛБРУС- НАЈВИСОКИОТ ПЛАНИНСКИ ВРВ ВО ЕВРОПА
Планината Елбрус е лоцирана во западниот дел на планинскиот масив Кавказ, во Кабардинско-Балкарската Република во Русија, блиску до границата со Грузија. Тоа е највисоката планина во Русија и во Европа. Планината е од вулканско потекло. Елбрус е највисокиот врв на масивот Кавказ. Планината Елбрус, (Западен Елбрус) висок е 5642м или 18,510фити. Источниот Елбрус е малку понизок, висок е 5621м или 18,442 фити. Елбрус е 20км северно од главниот регион од кратерот на Кавказ и 65км југозападно од Рускиот град Кисловодск. Тој има вкупно 22 глечери од кои излегуваат реките Баксан, Кубан и Малка. Источен Елбрус, понискиот од двата врва, прв пат е искачен на 10 јули 1829 година од Кхилар Хаширов, Кабардински водич за потребите на Руската научна армиска експедиција водена од генерал Емануел, а Западниот Елбрус во 1874 година од англиска експедиција водена од Графорд Гроув со членовите на експедицијата Фредерик Гарднер, Хорас Волкер, и швајцарскиот планинар Петер Кнубел и водичот Ахија Сотајев. Во текот на раните години на Советскиот сојуз кога планинарењето почнало да се развива како масовен спорт, на Елбрус почнале да доаѓаат поголеми групи на планинари. Во зимата во 1963 година поголема група на неискусни планинари фатално завршиле од лавина. За време на втората светска војна во периодот од Август 1942 до Јануари 1943 , оваа област била окупирана од 10 000 Германски војници од Германска планинарска дивизија. Во 1956 година, по повод 400 годишнината од заедништвото на Кабардинско Балкарската Република со Советскиот Сојуз, било организирано масовно искачување од 400 планинари на планината. Искачувањето на Елбрус не е технички тешко, но е специфично поради неговата местоположба, помеѓу Каспиското и Црното море. Нестабилно време, кое постојано се менува, нарочито со силен ветар и грмотевици, временски услови кога и најголем број на планинари ги губат своите животи. Просечно годишно на Елбрус погинуваат 15 до 30 планинари, повеќе поради неискуство, неорганизираност, неопременост и лоши временски услови. Планинарскиот спортски клуб „БИСТРА“ при МВР Скопје оваа година прославува 50-сет години од своето основање. Во таа чест клубот во својата програма за 2009 година ја вгради планинарската акција-експедиција на КАВКАЗ, врвот Западен Елбрус-5642м, највисокиот врв во Европа. Од страна на претседателството на клубот беше доставено писмо до претседателството на МПА со барање оваа експедиција да биде прифатена и од претседателството на МПА. На седницата одржана во март месец елаборатот за експедицијата беше прифатен од МПА и доставено барање и до претседателството на ФПСМ со барање истото да ја прифати и да биде нејзин покровител. На седницата на ФПСМ експедицијата за Кавказ беше прифатена и за организатор и водич беше определен Живко Темелкоски, кој веќе два пати бил на оваа планина. После ова од страна на канцеларијата на ФПСМ до сите планинарски клубови/друштва беше доставено писмо со цел клубовите да се запознаат со основните податоци за оваа експедиција (временски период за реализација на експедицијата, цена, начин на превоз, опрема, пријавни листови и сл.) и доколку има заинтересирани од нивниот клуб/друштво благовремено да се пријават. Согласно елаборатот за експедицијата, тргнувањето беше предвидено за 10 јули со воз од Скопје до Белград, од каде потоа со авион до Москва, а од таму со автобус до месноста Терскол, мало населено место во подножјето на Елбрус, во самата долина Баксан. Со оглед на пријателските врски со Лазар Попара, член на ПД Железничар од Нови Сад и член на Претседателството на Планинарскиот сојуз на Србија, човек кој секоја година организира експедиции за Елбрус, човек кој зборува руски јазик, на кого и сопругата му е од Налчик, главен град на Кабардинско-Балкарската Република во која се наоѓа централниот дел на Кавказ, дојдовме до сознание дека и двајцата организираме експедиции за Елбрус во истиот временски период, поради што одлучивме, поради малиот број на членови од Србија заинтересирани за Елбрус, кон нашата експедиција да се приклучат и членовите од Србија, со што оваа експедиција ќе добие карактер на Меѓународна експедиција „КАВКАЗ 2009“. Заклучно со рокот за пријавување (30 април) се пријавија 7 члена, Живко Темелкоски организатор и водич, Горан Срезовски и Сашо Перовски од ПСК „Бистра“ при МВР од Скопје, Златко Каракамишев и Снежана Дучева од ПД „Дуб“ од Богданци, Катица Борисовска од ПСК „Руен“ од Крива Паланка и Виктор Калаузи од ПД „Водовод“ од Битола. По истекот на рокот се пријави Билјана Митровска од КПС „Македон“ од Скопје, а 20 дена пред тргнување се пријавија и Марин Стојановски и Горан Николовски од ПД „Макпетрол“ од Скопје. Резервацијата и купувањето на авио картите одеше преку Лазар Попара. Со оглед на тоа што обезбедивме оригинал ваучери од Руска туристичка агенција, по обавените проверки во конзулатот на Руската федерација во Скопје, немаше потреба од вадење на руски визи. На пат се тргна на 10 јули во 22 часот со воз од Скопје за Белград. На 11 јули на Железничка станица во Белград согласно договорот ни се приклучи и Лазар Попара со кого заедно заминавме на Белградскиот аеродром, Никола Тесла. Авионскиот лет Белград- Москва беше во 13.00 часот. Летот до Москва траеше 2.30 часа. На аеродромот Шереметјево ни се приклучија и два планинари од Србија, Милан Стевановиќ од ПД Победа и Зоран Гачиќ од ПД Железничар кои од Белград летале за Москва со ЈАТ, 1 час пред нашиот лет со АЕРОФЛОТ. Од аеродромот до хотелот „Орахово“ каде ноќевавме се префрливме со автобус, од кој имавме можност панорамски да разгледаме дел од Москва. Наредниот ден, 12 јули во 11.00 часот заминавме со автобус (со лежаи), од Москва за Налчик. Патувањето до Налчик , трае 24 сата, а од Налчик до месноста Терскол, во должина од 100км се префрливме со истиот автобус, возеќи се по долината БАКСАН, што траеше околу 2 сата. Во Терскол , место на 2100мнв, бевме сместени во хотел „Салам“. Согласно програмата, на 13 јули околу 10 часот заминавме на аклиматизација на врвот Чегет, висок 3700м. Стартот беше од месноста Чегет на околу 2000мнв. До 3070м има жичара, која ние не ја користевме со цел подобро да се аклиматизираме. На висина од 3300м почна да врне силен дожд и врвот го покри магла, поради што одлучивме да се вратиме назад. Вечерта ја поминавме во подготовка на опремата за утрешното тргнување на висина од 3800м, место викано КАРАБАШИ. Бидеќи плинските боци кои се продаваат во Терскол не одговараат на нашите примуси, бевме приморани да изнајмиме и горионици и плински боци од продавниците за планинарска и алпинистичка опрема. Некои наши членови изнајмија и кофлах чевли, дерези, цепини и друга планинарска опрема. Наредниот ден, 14 јули, целокупната планинарска опрема која претежно беше спакувана во транспортни вреќи и ранци, беше натоварена на камион марка КАМАЗ на кој се качивме и ние и се упативме за КАРАБАШИ, на висина од 3800мнв. Со камион се упативме бидеќи жичарите не работеа. Патувањето со камион е решение само кога жичарите не работат. Не постои друг начин на превоз на опремата до Карабаши (освен пешки) кога жичарите не работат. Тоа се силни и робусни Руски камиони кои можат да носат голем терет по големите стрмини по претходно трасиран пат од булдожери и багери. За несреќа, нашиот камион го следеа постојани дефекти на моторот. Сите други камиони, исто така товарени како и нашиот, не поминуваа без да некој укаже помош на нашите двјца шофери. Патувањето до Карабаши ни се виде како вечност, со помисла дека можеби нема никогаш да стигнеме со тој камион. Повеќе стоевме во место одколку што се возевме, за кое време шоферите како нешто да го поправаа моторот, поточно бензиската пумпа. При секое тргнување на камионот, поради наглото трзнување, камионот се враќаше назад во рикверц, така што постоеше голема опасност дури и да се превртиме во бездните. Скоро за цело време не пратеше дожд и густа магла, што ни го отежнуваа и така тешкото напредување до Карабаши. Не знаеме колку пати се симнавме од камионот со цел тој полесно да помине одредени стрмини на патот. На крај за наше чудо некако стигнавме до под Карабаши од каде што требаше целокупната опрема да ја префрлиме до едно плато со снег или парче глечер каде ги поставивме нашите шатори. Ноќта ја поминавме во шатори кои претходно согласно програмата ги понесовме од Македонија. Цела ноќ врнеше дожд и снег, поради што некои шатори и прокиснаа од кондезација. На 15 јули, сите заедно се упативме на аклиматизација до 4200мнв, до планинарскиот дом „ПРИЈУТ 11“. Таму останавме околу 2 сата. Два наши члена, откако ги видоа условите во ПРИЈУТ 11, по враќањето на Карабаши, а уште повеќе поради условите на сместување во шатори кои дури и прокиснаа, со дел од опремата истиот ден се упатија да ноќеваат во ПРИЈУТ 11. Ноќта повторно за цело време врнеше дожд и снег. Поради овие причини одлучивме шаторите кои беа мокри, да ги оставиме на лице место а на 4200м да се сместиме во некои од контејнерите кои таму ги има повеќе. На 16 јули целокупната опрема ја префрливме до 4200м со ратрак, а членовите пешки се упатија до оваа висина. На 4200м се сместивме во еден од контејнерите со име „Марија“ во кој имаше точно место за 12 лица. Милан, Зоран и Горан Николовски се сместија во ПРИЈУТ 11. Во овие контејнери во рамките на цената од 450/500 рубљи на располагање е плинско решо со 3/4 рингли на кои постојано се топи снег во големи лонци. Навечер се вклучува агрегат така да има и светло, при што може да се вклучат полначи за мобилни или видео камера. Според програмата, на 17 јули некаде околу 10 часот заминавме на аклиматизација до 4800мнв, место викано Пастухова стена. Ова место е така наречено по истражувачот и планинар Андреј Пастухов(1860-1899) кој во 1890 година го освоил Западен Елбрус а потоа и Источен Елбрус. Голем е бројот на сите оние кои се искачуваат до ова место заради аклиматизација. Се движевме многу споро со чести паузи, бидеќи целта ни беше само до Пастухова стена. На оваа висина останавме околу 1/2 часа со цел подобра аклиматизација. Наредниот ден, 18 јули, го резервиравме како ден за одмор, за акумулирање на енергија која ќе ни биде потребна за наредниот ден, ден предвиден за искачување на врвот. SUMMIT DAY. На 18 јули во попладневните сати во нашиот контејнер дојде лицето Александар, лице кое било одредено за да не води до врвот на Западен Елбрус. Тој не запозна со некои основни податоци за наредниот ден, за самото искачување, колку течност треба да се понесе, облека и слично. Тргнувањето за врвот кое беше според нашата програма предвидено за во 01.00 часот, водичот Александар го помери за во 02.00 часот. Вечерта рано си легнавме. Утрото на 19 јули, околу 02.00 часот, сите спремни, со дерези на чевлите, со челни лампи на главите тргнавме во колона по еден. Со цел да добијат во време, многу планинари на денот кога одат на врвот, користат ратрак, кој ги префрлува до Пастухова стена. Цената за ратракот по човек е 1000 рубљи или 23 евра. До самиот врв има околу 11 часа пешачење, од кои 3 до 4 часа до Пастухова стена, 5 часа од Пастухова стена до седлото помеѓу Западен и Источен Елбрус, и 2 часа од седлото до Западен Елбрус. Водичот Александар, се движеше со многу бавно темпо, и на секои 40мин пешачење даваше 5 мин одмор. И покрај тоа што ние бевме спремни да тргнеме пред да истечат тие 5 мин, тој лежеше на снегот и чекаше да поминат 5-те минути. Пред да стигнеме на седлото на прашања на некој од членовите уште колку има до врвот, тој постојано ни одговараше дека има уште 4 часа. Можеби поради бавното движење на водичот, двајцата Горановци во групата се издвоија и заминаа кон врвот со појако темпо. Некаде пред самото седло, Билјана и Марин одлучија да се вратат назад. Кога стигнавме на седлото, водичот ни укажа дека до врвот има уште многу да се оди, околу 4 часа, дека е поминато времето за искачување на врвот, дека доаѓа лошо време и дека тој не може да не води. Неговиот совет беше да се вратиме назад. Ние одлучивме да одиме до врвот. За тоа бевме и дојдени. Колоната ја презедов јас да ја водам. Патеката од седлото спрема Западен Елбрус е доста стрмна. Нашето движење го отежнуваше лошото време, темни облаци со грмотевици. При искачувањето ги сретнавме двајцата Горановци како се симнуваат после освојувањето на Западен Елбрус. Многу планинари кои се симнуваа, во овој дел одеа премногу бавно внимавајќи да не се лизнат, бидеќи имаше и неколку траги од планинари кои се лизнале и се лизгале до самото седло.Сите експедиции или поединци кои ги сретнавме спрема врвот не советуваа да се вратиме назад, бидеќи е опасно во ова време да се оди на врвот. Ни еден планинар не не охрабри во искачувањето спрема врвот. Некаде на средината од стрмната патека кон врвот сретнавме еден планинар, Украинец, кој лежеше во снегот изнемоштен, без можност да стане на нозе. Исто и тој не советуваше да се вратиме назад, бидеќи е опасно да се оди спрема врвот. И покрај се, ние продолживме кон врвот. На врвот стигнавме околу 14.00 часот. Први стигнавме јас, Сашо, Снежана а потоа со мала временска разлика и сите други. Поради грмотевиците, на врвот се чувствуваше наелектризираност на воздухот, пецкање на штеките кога ќе се допреа една со друга. Јас кој снимав со видео камера , на прстите од десната рака со која ја држев камерата, чувствував наелектризираност на прстите. Поради сето ова ги замолив сите кои беа на врвот што побргу да завршат со фотографирање и веднаш да почнеме да се симнуваме. На врвот се задржавме кратко време, доволно да си честитаме за успехот, да се фотографираме со Македонското знаме, да ги сочекаме сите да дојдат на врвот. Кога дојдовме кај стрмниот дел при спуштањето до седлото ги наврзавме сите прусиси кои ги имавме, и со цел безбедно да се спуштиме се наврзавме во навеза. При спуштањето Украинецот кој го сретнавме, исто така го врзавме во навеза, му го зедовме ранецот и безбедно сите заедно се спуштивме до седлото. Бидеќи времето се влошуваше, Украинецот кој немаше сила да стои на нозе, одлучи да остане на седлото како и нашите пријатели од Србија, Милан и Зоран, и после некој краток одмор заедно со водичот Александар кој за цело време седел и не чекал на седлото, да тргнат надолу, кон ПРИЈУТ 11. На седлото беше и Горан Срезоски кој претходно се симнал од Источен Елбрус, висок 5621м. При спуштањето кон ПРИЈУТ 11, за цело време удираа громови, светкаа молњи, паѓаше снег. Целата патека од седлото до Пријут ја симнавме за околу 2.30 часа. Бидејќи целта беше остварена, немавме потреба да остануваме уште два дена на планината како што беше предвидено со програмата, (резервни денови во случај на лошо време), па така наредниот ден ја спакувавме опремата и се спуштивме до Карабаши, од каде со жичара се спуштивме до Терскол. На 20 јули, во еден ресторан имавме можност да се запознаеме со Г-динот Елмазов, човек кој работи како спасител на Елбрус, кој во мај оваа година успеал само тој од Руската експедиција да се искачи на Еверест. Многу наши членови имаа можност да му постават одредени прашања во врска со искачувањето на Еверест и да се фотографираат со него. На 22 јули го напуштивме Терскол и со 2 минибуса се упативме кон Налчик. Таму се сместивме во хотелот „Алпинист“. Лазар кој добро го познава овој град, поголем дел од групата ја прошета низ убавите места во градот, така да имавме прилика да ги видиме убавините на овој главен град со околу 300 000 жители. Вечерта во хотелот, од страна на Лазар Попара, ни беа поделени сертификати за искачувањето на Елбрус издадени од Туристичката агенција Алпииндустрија која го ангажирала водичот за искачувањето. На 23 јули со редовна автобуска линија, во 11 .00 часот се упативме за Москва. Во Москва пристигнавме во 11.00 часот по што со метро заминавме до Црвениот плоштад и Кремљ. Таму имавме доволно време да ги видиме сите убавини на овој дел од Москва , да фотографираме, да ја посетиме црквата Св.Исус Христос, реката Москва и сл. Ноќевавме во автобусот со кој патувавме од Налчик до Москва. Наредниот ден, 25 јули, имавме авионски лет за Белград, од каде вечерта во 22.00 часот со воз заминавме за Скопје, каде што стигнавме на 26 јули во 10.00 часот. За реализација на оваа експедиција, членовите на експедицијата изразуваат голема благодарност на Федерацијата за планинарски спортови на Македонија за дадената финансиска помош за реализација на еден дел од трошоците на експедицијата.
Организатор и водич Живко Темелкоски




















































Текст и Фото: Темелкоски Живко
15.08.2009