ИЗВЕШТАЈ од традиционалниот 23 планинарски маратон “ИЛИНДЕН” 2009 година
По повод одбележувањето на националниот празник на македонскиот народ “ИЛИНДЕН” планинарите од неколку планинарски друштва од Р.Македонија, вкупно 9 учесници, на возраст од 18 до 70 години, меѓу кои две жени, ја поминаа трансферзалата од Скопје-Крушево-Охрид во должина од 200 км.
Маратонот започна на 29 јули, со положување цвеќе на саркофагот на македонскиот великан Гоце Делчев во црквата Свети Спас, а продолжи со обезбеден превоз поминувајќи низ Драчево-Количани-Црвена Вода стигна до подножјето на Китка-Преслап. Групата со тешки ранци (околу 20 – 30 кг.) на грбот, психофизички добро подготвена пешки продолжи по беспатијата на централна Македонија , по трагите на Илинденците. Групата по идеални временски услови, по неколку попатни паузи ги измина местата Мала Река, Демирова ливада, споменикот на руските пилоти на Сипичан изворот, за околу 16 часот да стигне на Дуње под Бегово. После мала пауза полека во колона се движевме во правец на Солунска Глава во подножјето на првата куќичка. Бидејќи куќичката беше полна со разни отпадоци ја очистивме и оспособивме за ноќевање. Саленио носеше шатор, го поставија и тројца се сместија во него. Вечерта се дружевме и запознававме меѓусебно.
Утро 4.00 часот, сите ѕвезди светат над нас, хоризонтот е чист и полека почнавме со припреми за искачување кон Солунска Глава. Во 5.00 часот поаѓаме по долгиот пат, избегнувајќи ги зараснатите гранки по патеката. По кружниот пат од лева страна на седлото под Солунска Глава стигнавме после 6.20 часот. Краток одмор, додека чекаме двајца од учесниците (Никола и Славчо) да го искачат врвот, а потоа продолжуваме сега по изохипса во правец на Горна бабина дупка. Над нас е врвот Солунска Глава а под нас е Солунско поле од каде се гледаат врвовите на планината Караџица, а под нас Боро поле - Поречијата. Темпото полека се усогласува. Стигнуваме над Горна бабина дупка во 7.30 часот на местото на трагично загинатите четири алпинисти под врвот на Плавник. Краток одмор и едноминутно молчење, почит. Се одлучивме да одиме горе на Даутица. Почнавме да се искачуваме по камењарот некаде околу 2000 м.н.в. стигнавме на раскрсницата. Влегуваме во друг дел од природата, тука е Врата пресечена планината природен процеп каде се искачуваме. После тоа почнува ново спуштање и нов врв за искачување. Оттука се пружа прекрасен видик, панорама кон Поречијата, кон Боро поле и езерото со браната Козјак. Сега се спуштаме, па пак се искачуваме кон врвот Даутица каде има мало изворче. Бидејќи изворот имаше вода, тука се одмараме. Продолжуваме напред и лево од врвот Даутица почнуваме да се спуштиме надолу кон седлото на Миланово бачило, кое се наоѓа над с. Орешје над Богомила. Времето е променливо но групата напредува кон изворот Ајдучка чешма, каде беше планирано да ручаме. Малку се окрепивме околу еден час и продолживме кон врвот Мочур 2000 м.н.в. Од изворот почнуваме да се искачуваме кон врвот Мочур, богато место со боровинки и малини. Се спуштаме надолу по течението на Крапска Река. Се ладиме и се бањаме. Од тука почнуваат изворите, стотина поточиња - затоа и така се вика планината Мочур. Стигнуваме во Крапа пред кооперацијата и се сместуваме во манастирот на Св. Богородица. Вечераме и се освежуваме со пиво и сок.
Утрото 31 јули, припреми, 7 часот - влегуваме во манастирот, палиме свеќи за здравје, среќа и добро време, тргнуваме надолу по пат до понорницата, а од таму продолжуваме према Краста, се префрламе кон с. Дебрешта каде се одмараме и набавуваме потребни намирници (последна станица каде може да се купат потребни продукти). Времето денес е пријатно за пешачење и лесен е патот, рамен по асфалт до с.Борино каде се одмораме и освежуваме, а од таму почнува искачувањето. Откога се одморивме во Борино во 14.30 часот тргнавме кон село Селце полека со уживање без брзање бидејќи се беше убаво. Ја поминавме рекичката и полека стигнавме до големиот даб кој ние секоја година го викаме ”Крушата”. Тука направивме мал одмор со кафе пауза и капини. После одморот од еден час полека се искачуваме низ шума. Излегуваме низ шума по асфалтен пат од каде се гледа малото село со прошарани куќи од кои многу паднати и со по некоја обновена. Веќе сме пред селската чешма каде ги оставивме ранците. Влегуваме во селската куќа каде се чува клучот од училиштето, се поздравуваме со мештаните, неколку старци, им ги даваме сликите од минатата година. Бидејќи училиштето беше зафатено се сместивме во дворот пред училиштето каде и ноќевавме, под отворено небо.
1 Август, Сега е 7.20 часот и одиме во правец на Крушево. Го гледаме споменикот, се сликаме и продолжуваме пред езерото, уште една фотографија и продолжуваме до Шула Мина каде се сместуваме. Само што се сместивме во детското одморалиште ни се приклучи и Радица Арсова и уште двајца членови Спасе и Веса Трајковски од Планинарско Друштво на Глувите “Скопје 63” - Скопје кои сакаа да бидат со нас во текот на овие два дена. Се одмораме, тушираме и припремаме за поворката за свеченоста на Илинденците. Вечерта положуваме цвеќе пред споменикот на Илинденците. Воедно го посетивме и вечниот дом на Тоше Проески, положивме цвеќе и продолживме кон Македониумот каде се наоѓа гробот на Никола Карев. Се евидентираме во книгата на учесниците, уште неколку фотографии и заминуваме во град да се снабдиме со потребни намирници за вечерта.
Во 20 часот започнува свеченото отворање на Илинденската средба по повод 10 дена Крушевска Република. Следува огномет, песни, игри до касно во ноќта.
2 Август. Времето пријатно. Ќе одиме низ град во правец на Мечкин Камен. Попатно поминуваме до црквата Св. Никола, влегуваме, палиме свеќи за здравје, среќа и убаво време. Појадуваме, а потоа се упатуваме во правец кон бензинската пумпа и славниот Мечкин Камен. Се префрламе по пешачката кружна патека за после еден час да излеземе кај споменикот. Се одмораме, бараме познати, се поздравуваме. Отидовме кај крводарителската екипа. Еден се одлучи да даде од својата драгоцена течност. На Мечкин Камен присутните ги поздрави Претседателот на државата г-н Ѓорѓе Иванов. Зборуваше за минатото, сегашноста и иднината, за крушевскиот манифест и за соживотот на овие простори. Потоа продолжија со културно-уметничка програма. Се слушаат песни и смеја. Групата планинари, враќајќи се низ градот, набави потребни продукти и вечерта замина на одмор и припреми за наредниот ден. Саленио и Стојан го посетија манастирот Св. Богородица на Тоше Проески кој се наоѓа на 8 километри (два часа пешачење) од Шула Мина.
Утрото на 3 Август 4.00 часот. Небото го осветлува патот. Времето свежо, пријатно е за пешачење и темпото е побрзо. Грабаме напред, теренот е променлив, лесно се качуваме и спуштаме, веќе сме во с. Кочишта пред чешмата во 7.20 часот. Седнуваме и се одмораме. Сега се искачуваме во правец на с. Радово. Тука се одмораме. Млади нема, нема патишта, нема амбуланта, нема училиште, со еден збор треба многу за да се врати животот во селото. Продолжуваме малку нагоре, надолу, пак нагоре-надолу, неколку одмори и веќе сме во с. Доленци после 13.00 часот пред кооперацијата. Тука сме со мештаните, се поздравуваме, разговараме, се освежуваме со ладно пиво и сок. После еден час добар одмор продолжуваме кон село Бабино. За триесетина минути пешачење стигнуваме пред рибникот. По половина час одмор тргнавме кон дестинација селото Базерник, крајна точка на ова патување на 1000 м.н.в. каде ќе престојуваме и ќе ноќеваме. Половина час се задржавме во единствената народна библиотека со 12.000 книги од постар датум и со разна содржина. Од тука уште еден час, веќе сме во с. Базерник каде не пречека Стојче со фамилијата. Бидејќи и ова училиште беше зафатено, немаше место за ноќевање, Стојче со еден сосед ни обезбедија две простории за ноќевање. Таму се сместивме и отидовме кај Стојче на вечера на домашно гравче. После вечерата сите заедно отидовме во кооперацијата каде се собираат сите млади и стари, се се одвива тука. Се освеживме, се напивме сок и природно ладна кисела вода од изворчето, на крајот некоја стара песна и спиење. Му благодариме на Стојче со фамилијата за богатата вечера.
Петок 4 Август пред 4 часот сите се на нозе и подготовки за последниот врв Илинска - Плакенска Планина на 2000 м.н.в. Групата тргна само нагоре и нагоре, нема надолу. За два часа сме на изворот, се освежуваме и одмараме и пак тргнуваме нагоре. Никаде крај нема видикот, цело време одиме низ густа букова шума. За четири часа врвот беше искачен 2000 м.н.в. одиме до изворот и време е за појадок. Почнуваме сега да се спуштаме, сето тоа што го качувавме сега треба да го симнеме. За еден час сме во с. Плаќе. 11.00 часот е. Пред чешмата се одмораме. Истовремено дојде возило од МВР, да провери до каде сме, и дали имаме потреба од нешто. Им се заблагодаривме на грижата и кажавме дека се е во најдобар ред. Земавме вода, се освеживме, се фотографиравме и тргнавме кон с. Речица. Се спуштаме кон село Речица. Се освеживме на реката каде има повеќе валалници а потоа продолживме уште еден час до каменоломот Прентов мост на патот Ресен-Охрид. Се одмораме и чекаме возило. Возилото ни заминало пред 20 минути затоа моравме да бараме такси комбе кое не однесе до Охрид, кон крајната дестинација Партизан каде имавме гратис престој и ноќевање. Откога се сместивме во приколките, се раскомотивме и право во езеро на освежување. После вечерата разговараме за поминатите заеднички моменти. Сите сме задоволни од она што го доживеавме во изминатите денови со желба спомените вечно да траат бидејќи оваа 23 годишнина од маратонот Илинден убаво си поминавме. Времето беше идеално, за пешачење и дружење.
На 5 Август во 07.00 часот групата тргнува кон Канео, кон Плаошник каде ги разгледуваме културно-уметничките споменици. Се искачуваме кон Самоиловата тврдина, ги разгледуваме ископините, а потоа се спуштаме кон античкиот театар и продолжуваме кон центарот на градот. Се фотографираме пред Вечниот чинар, уште неколку фотографии и потоа се разделуваме во неколку правци секој според потребите. Повторно се наоѓаме во Партизан на плажа до 14.00 часот. Половина од групата заминува во 15.00 за Скопје кон своите домови, а останатите остануваат уште еден ден во Партизан.
А Саленио продолжи сам кон Галичица – Магаро 2275 и спиев на врвот за утредента, продолжив кон Преспанско Езеро во Стење па Коњско и го поставив шаторот на плажа.
7 Август – најдов чамец да ме префрли на островот Голем Град, го разгледав има црква која е се уште во добра состојба, порано на овој остров имало многу монаси кои се подвизувале, и други римски објекти. Моја препорака е да се посети овој остров во мај месец затоа што тогаш е најубав, фојата – заштитен четинар кој го има само на островот е единствен примерок во цел свет. На острвот сретнав многу желки и зајаци, просто пленува со својата убавина, имаш чувство како да се наоѓаш во некоја волшебна шума. После посетата на островот се спакував и тргнав за Скопје, со размислување за наредната година маратонот да продолжи до островот Голем Град.
За успехот на акцијата треба да се заблагодариме на:
ПСК Бистра кој го организираше 23 маратон “ИЛИНДЕН” 2009 и финансиски ги помогна своите членови;
На ФПСМ кој даде морална и финансиска подршка и е главен покровител на маратонот;
На ДТВ Партизан - Федерација за гимнастички спортови Битола за одобрен престој - гратис ноќевање во Охрид;
На градоначалникот на град Скопје Коце Трајановски за одобрената финансиска помош;
На РО Младост и управникот на Шула Мина за поефтин престој во објектот;
Да им се заблагодариме на мештаните за ноќевањето попатно и на Стојче и фамилијата за пружената помош и поддршка.
Голема благодарност на сите кои со било каква помош или подршка допринесоа маратонот да започне и успешно да заврши
Веруваме дека на 9 учесници на маратонот овие осум дена ќе им останат во трајно сеќавање за целиот свој живот и ќе сакаат да учествуваат и во наредните години.
Водичи на маратонот: - Благоја Петрушевски - Сашо Божиновски - САЛЕНИО - Никола Тодоровски
СПИСОК НА УЧЕСНИЦИ НА ПЛАНИНАРСКИОТ МАРАТОН “ИЛИНДЕН” 2009 СКОПЈЕ-КРУШЕВО-ОХРИД ВО ДЕНОВИТЕ ОД 29.07.до 05.08.2009 год. ВО ОРГАНИЗАЦИЈА НА ПСК- БИСТРА-СКОПЈЕ
1. БЛАГОЈ ПЕТРУШЕВСКИ, Роден 1947 год. 23 учества, клуб ПСК БИСТРА– СКОПЈЕ
2. ЛЕНА ДАМОВСКА, 1945 ГОД. 17, ПД КОРАБ – СКОПЈЕ
3. РАДИЦА АРСОВА, 1950 ГОД. 6, ПД КОРАБ – СКОПЈЕ
4.САШО БОЖИНОВСКИ - САЛЕНИО, 1971 ГОД. 2, ПСК БИСТРА– СКОПЈЕ
5. НИКОЛА ТОДОРОВСКИ, 1991 ГОД. 1, ПСК БИСТРА – СКОПЈЕ
6. СТОЈАН НАЦЕВСКИ, 1940 ГОД. 2, ПСК БИСТРА – СКОПЈЕ
7. БОЖИДАР СТОЈАНОВИЌ, 1940 ГОД. 6, ПСК БИСТРА – СКОПЈЕ
8. СЛАВЧО ДИМОВ, 1976 ГОД. 1, ПСК БИСТРА- СКОПЈЕ
9. ДИНО БЛАЖЕСКИ, 1989 ГОД. 1, ПД ШАРА –СКИ - ТЕТОВО.
Текст: Благоја Петрушевски и Сашо Божиновски – Саленио
Фото: Сашо Божиновски – Саленио и Славчо Димов
30.09.2009