ИЗВЕШТАЈ ОД 10-ТОТО МЕЃУНАРОДНО ИСКАЧУВАЊЕ НА БИБЛИСКАТА ПЛАНИНА АРАРАТ
Мал е бројот на луѓето кои можат да се пофалат дека се искачиле на Библиската планина Арарат. Тоа е онаа планина која според библиските верувања била последното пристаниште на Ноевиот ковчег по големиот потоп. Планината Арарат се наоѓа во источна Турција до Ерменската и Иранската граница. Планината покрива област од преку 1000км површина со обем повеќе од 130км. Од 1983 год. регионот околу Арарат е истражуван од различни групи, научници вклучуваќи го и американскиот астронаут Џејмс Ирвин и неговиот тим како и Давид Фасолт. За мистериозниот брод во јужниот дел на планината Арарат блиску малото село Масар е дојдено до некои факти од наводни остатоци на бродот. Димензиите на остатоците на бродот укажувале на мерки од 165м должина, 50м ширина и 13м висина кои димензии одговаараат на оние за Ноевата арка од Библијата. Можеби добар туристички потег, пропаганда или пак нешто слично. Ако Ноевата арка останала на врвот, смрзнувачките услови на врвот би ја зачувале арката од распаѓање. Ако пак Арката не е на врвот на планината, има малку надеж од пронаоѓањена на било какви остатоци од неа. Проблемот што го истакнуваат научните експедиции за Арката се атаците од различните курдски групи кои ја контролираат областа околу Арарат. Овие групи ја носат одговорноста за бркањето, киднапирањето на членовите од истражувачките експедиции како и на многу групи планинари чија единствена цел е да го освојат врвот на оваа планина. Турското име за планината Арарат е Агри Даги, кое во превод значи планина на страдање, болка, мака. Врвот е висок 16 946 стапки или 5165м. Планината Арарат е највисока во Турција и меѓу повисоките планини во светот. Планината е од вулканско потекло со последна ерупција во 1840 година. Целата област околу планината е од вулканска лава која се простира на огромни пространства. Теренот на повисоките предели е составен само од вулкански карпи и мраз. Врвот на планината е тежок глечер. Планината во текот на целата година содржи мраз кој никогаш целосно не се топи. Качувањето на Арарат е предизвик за сите пасионирани планинари и истражувачи на Ноевата Арка. Јули, август и септември се најпогодни месеци за освојување на оваа планина. Јужната страна на планината нуди најпогодни и најбезбедни услови за искачување на врвот на планината. Од оваа страна целокупната опрема до висина од 4 200м ви се носи со мазги. Само 150м пред врвот е мраз. Качувањето не е можно без придружба од водич бидеќи патеката до врвот не е обележана. Повеќе од 20 години поради проблемите што Турција ги имаше и има на тој дел од Турција со месното население (Курдите) планината беше затворена за искачување. Во 1999 година неколку Холандски и Француски планинари се обиделе на свој ризик да се искачат на планината, меѓутоа биле киднапирани од група курди кои потоа поставувале услои на Турската влада за нивно ослободување. Од 2000 година Турската планинарска федерација почна да одржува Меѓународно искачување на оваа планина со подршка од Турската влкада. Ова е единствена прилика за сите кои сакаат да го освојат овој врв на најбезбеден начин. Ова искачување ТПФ го организира секоја година со големо воено обезбедување при што учествуваат голем број на странски планинари. Војската со големо пешадиско вооружување ги обезбедува планинарите се до висина од 4200м.Искачувањето до пред три години секоја година се одржуваше од јужната страна на планината, во периодот од 26 август до 03 септември. Бидеќи во 2006 година курдите фрлија бомба на еден логор со планинари, од 2007 година, искачувањето на планината ТПФ го врши од северната страна на планината. Секоја година на ова Меѓународно искачување на Арарат учествуваат и по 4 планинари од Македонија. Оваа година (2009) ТПФ организираше 10-то Меѓународно искачување на Арарат. Искачувањето беше од северната страна на планината , од градот Игдир. После добиената покана од ТПФ за учество на ова меѓународно искачување на Арарат, Федерацијата за планинарски спортови на Македонија испрати циркуларно писмо до сите планинарски клубови во Македонија со повеќе податоци и информации околу учеството на ова искачување со барање заинтересирани членови од планинарските клубови навреме да се пријават до федерацијата. Заклучно со рокот утврден во писмото се пријавија 4 планинари. На ова искачување учествуваше и тричлена Македонска експедиција во состав Живко Темелкоски (организатор и водич), од ПСК Бистра од Скопје и Мемет Мемети и Артан Лума од Планинарскиот клуб Алпине од Универзитетот на Југоисточна Европа Тетово. Планинарот Христо Белокаповски од ПД Златоврв од Прилеп кој благовремено беше пријавен и доби дозвола за искачување на Арарат, непосредно пред тргнувањето го откажа неговото учество. Освен преставници од нашата држава и на домаќинот организатор, на ова Меѓународно искачување учествуваа и преставници од планинарски федерации на Украина, Романија, Црна Гора, Србија, Иран, Грција, Босна и Херцеговина, Кореја ... Нашата експедиција патуваше со редовна автобуска линија Скопје-Истанбул-Игдир во траење од 3 дена или околу 3000км. Градот Игдир беше собирно место на планинарите. Тоа е град со околу 50 000 жители во близина на Турско-Ерменската граница. Вкупниот број на планинари учесници беше 52, далеку помал за разлика од сите претходни години кога бил и преку 200. Поголем дел од Турските планинари кои беа дојдени имаа чест прв пат да се искачуваат на оваа планина. По пристигнувањето во Игдир и регистрацијата, од страна на домаќинот добивме маичка спонзорирана од новиот спонзор на ТПФ, RE LOAD LIQVI ENERGY. Сместени бевме во еден студенски дом кој беше доста запуштен. На 26 август имаше свечено отварање на ова Меѓународно искачување, со положување венец на споменикот на Кемал Мустафа Ататурк-таткото на модерна Турција во центарот на градот и со одржување мал говор од страна на градоначалникот на градот домаќин Игдир, и претседателот на Турската планинарска федерација. До 2200м каде беше првото ноќевање до една воена караула, наречено КОРХАН плато, бевме префрлени со камиони односно комбиња. Во воената караула сите планинари учесници беа должни доколку сакаат да учествуваат на ова искачување да потпишат изјава дека било што да им се случи е на нивна одговорност. Наредниот ден до првиот логор на 3200м. се пешачеше околу 5 часа по голема стрмнина во услови на магла. Доколку некој планинар сакаше целокупната опрема да му биде пренесена до овој логор со магаре требаше да плати 35 Евра. До овој логор бевме обезбедувани од страна на многубројна Турска војска која беше со големо пешадиско вооружување. Наредниот ден планинарите со целокупната опрема (шатор, вреќа за спиење, цепин, дерези, облека, храна ...) со тежина околу 30-35кг, носена на грб се упатија на вториот логор на 4200м висина преку еден каменит стрмен предел. Наредниот ден рано утрото околу 4 часот се упативме спрема врвот. За цело време на движење потребно е да се носи дерези, цепин бидеќи движењето е по глечер кој е со многу процепи кои се покриени со снег. Движењето е исклучиво во навеза односно со јажиња. На врвот пристигнавме околу 10.30 часот, после 6-7 часа пешачење. После задолжителното фотографирање и снимање со видео камера со Македонското знаме и знамето на Алпине, поради лошото време моравме веднаш да се симнеме до 4200м. Пред крајот на глечерот односно мразот, не зафати снежна олуја која беше пропратена со град и силни громови. За права среќа и покрај сето железо што го носевме со нас (цепини, дерези ...) не удри гром во ниеден планинар што би било голема несреќа. По краткиот одмор во шаторите на 4200м, моравме да ги собереме шаторите и со целокупната опрема да се спуштиме по камениот стрмен терен на 3200м каде ноќевавме. Наредниот ден се симнавме на 2200м од каде со возила се симнавме во градот Игдир. На организаторот и водич Живко Темелкоски, ова му беше 10-то искачување на Арарат, бројка со која ретко кој Турски планинар може да се пофали. На свеченото затворање на овој меѓународен собир на кој се доделуваат сертификати на секој учесник кој се искачил на врвот на Арарат, како резултат на нашето однесување за целото време на искачувањето на планината, претседателот на ТПФ упати посебен поздрав до Македонската планинарска експедиција. Сертификатите ни беа доделени од страна на градоначалникот на градот Игдир, домаќин на овој Меѓународен планинарски собир. На свечоното доделување на сертификатите, од моја страна на претседателот на ТПФ и на градоначалникот на градот Игдир им беа доделени скромни подароци (Македонското знаме изработено во бакар и 2л Македонско вино). За реализација на оваа екпедиција при која членовите достојно ја презентираа нашата држава, членовите истакнуваат посебна благодарност на Универзитетот на Југоисточна Европа Тетово и ЕВН Македонија, која во добар дел го спонзорираше овој наш планинарски потфат.























Текст и фотографии: Живко Темелковски Организатор и водач
09.09.2009