ИЗВЕШТАЈ ОД ПЛАНИНАРСКАТА АКЦИЈА
’’ПЕЛИСТЕР’’
На состанокот на клубот одржан на 23 февруари, како акција за престојниот викенд, согласно календарот на планинарски акции на клубот за 2010 година, се одреди акција за Пелистер. Се пријавија вкупно 9 члена , доволно за полно комбе, Живко Темелкоски, Буранедин Сали, Драги Петров, Стојан Нацевски, Николче Тодоровски, Васил Трендафилов, Миле Петровски, Горан Атанасовски и Горан Николовски.
Согласно програмата за оваа акција утврдена на состанокот на клубот, на пат се тргна во саботата на 27 во 11.00 часот. По пристигнувањето, комбето го перкиравме на паркингот пред хотел Молика. Се сместивме во Планинарскиот дом Копанки. Согласно телефонските договарања преку неделата, во домот веќе беа пристигнати Снежана Дучева и Мите Поп Илиев од с.Стојаково и Виктор Калаузи од Битола.
Вечерта одлучивме до врвот на Пелистер да одиме преку камењарот, бидеќи Виктор истиот ден бил до врвот Стив и кажа дека снегот е набиен и не се пропаѓа меѓу карпите.
Во неделата тргнавме во 6.00 часот. За водич на турата беше определен , кој ако не домаќинот Виктор Калаузи. Утрото ветуваше убав сончев ден. Цела Македонија беше осветлена од утринското сонце. Врвот Љуботен, Кобилица, Титов врв, Бакардан, Бориславец, Кораб, Јабланица, Стогово, Солунска глава беа толку блиску да човек можеше со рака да ги фати. Многу јасно се гледаа Рила и Пирин во Бугарија и Олимп и Вич во Грција. Според метео најавите, сметавме дека целиот ден ќе уживаме во прекрасното сонце, кое оваа зима сеуште го немаме видено, и покрај тоа што секој викенд сме на планина. За жал сонцето за кратко време го снема. Над целиот масив на Баба планина се надвисна црн облак и молевме бога да не заврне. Останатите споменати врвови и понатаму цел ден беа огреани од сонцето.
Напредувавме полека, со чести одмори бидеќи не се брзавме, а уште повеќе што Стојан Нацевски кој подолго време не бил на планина имаше одредени проблеми. Немаше потреба од дерези иако поголемиот дел од нас носеа со себе.
На врвот на Пелистер стигнавме во 11.30 часот. Бевме примени во објектот на МРД. Од страна на лицата кои таму работат, кои се планинари и наши добри познаници, Ѓоко и Јонче, бевме услужени со топол чај, за што сме им многу благодарни.
После повеќе од 1 час престој во објектот, заминавме за Копанки преку Широка.По краткиот престој во Копанки, се спуштивме до хотел Молика од каде во 18.00 часот заминавме за Скопје.
На водичот на турата, Виктор Калаузи, посебно од Копанки до врв Пелистер преку камењарот, му изразуваме посебна благодарност.
Текст: Живко Темелкоски
Во продолжение погледајте ги убавите фотографии сликани од Миле Петровски.

