Традиционално искачување на Прекорница
На покана на нашите пријатели од ПК Прекорница од Даниловград, Република Црна Гора, четворочлена екипа од нашот клуб учествуваше на традиционалното искачување на планината Прекорница, во близина на Даниловград.
И покрај најавите за многу лошо време, екипата во состав: Елизабета Ѓорѓеска, Даниел Филиповски, Сузана Радишиќ и Васил Трендафилов, реши да тргне за Црна Гора. По планот, тргнавме во петок на 12.02.2010 во 04:30 часот, преку Косово, преминот Кула – Рожае – Беране – Колашин, до Подгорица, каде стигнавме околу 13 часот. Со домаќините се сретнавме во Даниловград и заедно тргнавме кон планинарскиот дом Студено (на висина од 1202 м.н.в), кој е оддалечен од Даниловград 23 км. Со возило можеше да се стигне само до некаде, па последните неколку километри моравме да пешачиме. Во домот стигнавме околу 22 часот, се сместивме и потоа останавме да се дружиме со пријателите кои беа таму. Освен ние и домаќините, беа дојдени и планинари од ПК Комови од Подгорица, ПК Волујак-Гацко, од Република Српска, како и екипа на “Дивља Лепота у живо”, емисија која се емитува на телевизијата Пинк М.
Сабота, 13.02.2010
Група од 20 планинари, во 06:00 часот тргна кон врвот КУЛА 1927 м.н.в. Ни длабокиот снег, кој на некои места беше и преку 2 метри, не ги спречи, после 9 часа пешачење да го освојат највисокиот врв на планината Прекорница, која навистина нѐ одушеви со својата раскошна убавина. По кратката пауза на врвот, искористена за сликање, следеше спуштање до домот. Магла.. мек снег во кој многу се пропаѓа..Но одлична екипа за дружење! Сите се вратија изморени, но задоволни од изминатиот ден и од освојувањето на врвот во такви услови. Следуваше гравче и супер дружење.
Недела 14.02.2010
Иако денот беше предвиден за прошетка низ пределите на планината, сите беа изморени од претходниот ден, па останаа да се дружат во планинарскиот дом. Околу 11 часот го напуштивме Студено и го искористивме убавото време додека се враќавме накај возилата, да направиме уште слики на зимска идила.
На враќање кон Скопје, застанавме малку да го разгледаме градот Колашин, а потоа тргнавме за Скопје, каде стигнавме касно вечерта.
Добра екипа, одлично дружење и забава.
На крај, да им заблагодарам на нашите домаќини од Даниловград за пруженото гостопримство и одличниот викенд.


Текст: Елизабета Ѓорѓеска