Планинарски Спортски Клуб - БИСТРА

 

Од 03 Август состаноците се одржуваат од 18.00 часот

 
 
 
Август
 
 



Извештај од планинарската акција Титов врв

На состанокот на клубот одржан на 09 март, како акција за престојниот викенд, согласно календарот на планинарски акции на клубот за 2010 година, се одреди акција за Титов врв. Се пријавија вкупно 10 члена, и тоа Живко Темелкоски, Стојан Нацевски, Сашо Божиновски - Саленио, Николче Тодоровски, Васил Трендафилов, Мики Петровски, Горан Атанасовски, Горан Николовски, Велибор Соколовски и другар му Слободан.
Согласно програмата за оваа акција утврдена на состанокот на клубот, на пат се тргна во неделата на 14 во 05.00 часот. Во 06.30 часот тргнавме од платото пред хотел Попова Шапка спрема Церипашина по патеката под столбовите. Бидеќи претходниот викенд беше одржан Шарпланинскиот куп, патеката беше добро изгазена и израмнета, така да имавме можност брзо да напредуваме и покрај јакиот успон.Утрото ветуваше убав сончев ден, но за жал само за кратко. Некаде на гребенот над куќарката од жичарата, со брзо темпо не помина Јове Поповски кој така облечен поради силниот ветар кој дуваше можев само јас да го препознаам. На Бакардан стигнавме во 13.00 часот. Скоро цело време не пратеше магла и замрзнат терен. Одењето без дерези беше доста напорно. Повеќето од групата носеа дерези. Кога стигнавме на Бакардан грееше јако сонце. Насекаде густа магла. Само Титов врв и Кораб можеа да се видат како штрчат над маглата. Сите други врвови беа под густа магла. Одлучивме да продолжиме кон Титов врв. Се спуштивме кон седлото под Титов врв и кај карпата направивме мал одмор. Некаде над карпата под Титов врв го сретнавме Јове кој кажа дека на Титов врв грее јако сонце. За некои 15/20 минути бевме на Титов врв. Повторно како и на Бакардан јако сонце и во далечината се гледаше само Кораб и мал дел од Бакардан. Кулата на Титов врв, поради силниот ветар кој носеше снег, како ретко кога беше бела како млеко, како целата да беше малтерисана со бел малтер. Ова ретко се доживува на Титов врв. И покрај големиот број на мои искачувања на овој врв(ова ми беше 190-то) ова ми беше втор пат да кулата ја видам во такво бело руво. Поголем дел од групата за прв пат беа на Титов врв а некои прв пат во вакви услови. Направивме поголем број на фотографии. Сонцето на Титов врв моравме да го напуштиме и да навлеземе во густата магла спрема Бакардан, бидеќи не чекаше голем пат до Шапка. На Бакардан повторно сонце. На гребенот од Бакардан спрема Вакуф , помладите членови можеа да видат и одблизу да се запознаат што значи снежна стреа, и евентуално пропаѓање во неа. Патот кон Церипашина не водеше низ доста густа магла, за што мораше доста да се внимава. Кај куќарката од жичарата направивме мал одмор со цел нешто да се касне и да се напиеме. Шишињата со чај или вода, на многу членови им беа камен замрзнати, така да не можеа ни да ги отворат. Облеката на сите нас ни беше замрзната и на неа нафатен мраз. Ова најдобро може да се види од последната фотографија која е во прилог на извештајот. На Шапка кај нашето комбе стигнавме точно во 18.30 часот после точно 12 часа пешачење.
Ова искачување на Титов врв во зимски услови, ќе остане долго во сеќавање кај поголемиот број учесници.

Текст: Живко Темелкоски

Во продолжение погледајте неколку фотографии сликани од членовите на ова искачување.
Посетеност на сајтот
Денес: 35
 
Вкупно: 14863
 
oд март 2010
horvat horvat
Play chess online