КОБИЛИЦА, ШАР ПЛАНИНА 25.04.2010
Во неделата, на 25.04.2010 г два члена на П.С.К. “Бистра“, по претходна покана, учествуваа на акцијата на Планинарскиот клуб “НУН“ од Тетово, на врвот Кобилица. Овој врв, иако не е еден од највисоките (2528 м.н.в.), секако е еден од најмаркантните врвови на Шар Планина и е предизвик за секој планинар.
На акцијата учествуваа вкупно 15 планинари, од кои седуммина тргнале во саботата, преноќувајќи во едно од бачилата кои се наоѓаат во подножјето на врвот, а ние останатите стигнавме утрото во неделата. Со комбе кое го организираа од “Нун’ се превезовме од Шарена Џамија (Тетово) до с. Бродец. Оттаму, за нешто помалку од 2 часа стигнавме до Бачилото, каде се придруживме на остатокот на групата.
Вредно за споменување е дека патеката, почнувајќи од излезот на с. Бродец па се до крајот на шумата (малку пред бачилата) е одлично маркирана (црвено-бела маркација) од членовите на “Нун“ такашто и некој да доаѓа за првпат на овој терен не би имал никаков проблем со пронаоѓањето на вистинската насока. Членовите на “Нун“ ветија дека во најскоро време ќе ја комплетираат маркацијата (значи од врвот до почетокот на шумата), што навистина е за пофалба, бидеејќи овој врв секако заслужува да стане подостапен за секој вљубеник во природата.
Кај Бачилото се задржавме околу половина час; јадевме, се погреавме на ќумбенцето па дури потоа продолживме кон врвот. Временските услови не ни беа баш наклонети; имаше магла и видливоста беше доста намалена. Притоа, ако етапата до бачилата би можела да се опише како една убава пролетна прошетка, чие совладување не бараше некој поголем напор, делницата од бачилата до врвот беше нешто сосема спротивно; изразито стрмен терен со северна диспозиција и наноси од снег кои наместа беа и преку еден метар, што даваше впечаток на вистинско зимско искачување. Како и да е, без никакви проблеми, и со одлична навигација од нашите домаќини, за околу 2 часа стигнавме на врвот. Иако поради маглата ни беше ускратено задоволството да уживаме во панорамата која ја нуди овој врв, сепак сите учесници(особено јас и Велибор Соколовски на кои ни беше прво искачување на Кобилица) беа и повеќе од задоволни. По краткиот престој на врвот се спуштивме кон бачилата, а од таму, по истата патека по која дојдовме- до Бродец, комбето кое не чекаше, и Тетово.
На крај, огромна благодарност за гостољубивоста и прекрасното дружење кое ни го овозможија членовите на П.К “НУН“: Лабинот Ахмети, Бурим Бафтири(водич тој ден), Либурн Куртиши, Хаки Беџети, Бурим Беџети, Илми Рамадани, Мифтар Емини, Беким Исмаили, Кренар Папранику, Нехат Адеми, Абедин Нуредини, Алберт Зибери и Абди Бајрами.















28.04.2010
Текст: Гоце Пановски
Фотографии: Велибор Соколовски