Извештај од акцијата’’КАРАЏИЦА’’
На состанокот на клубот одржан на 27 Април оваа година, согласно Програмата за планинарски акции на клубот, за престојниот викенд , се договоривме за планинарската акција ’’КАРАЏИЦА’’.
За акцијата се пријавија точно 9 члена од клубот, јас_Живко Темелкоски, Сашо Божиновски-Саленио, Стојан Нацевски, Велибор Соколовски, Васил Трендафилов, Гоце Пановски, Николче Тодоровски, Горан Атанасовски и Горан Николовски.
На акција тргнавме во неделата на 02 Април во 06.00 часот, од паркингот пред Нова Македонија. Во селото Патишка Река пристигнавме во 7.00 часот. За овој ден беше најавена температура од околу 30 степени целзиусови. Прва поголема пауза за доручек, направивме после 2 ипол/3 часа пешачење, поточно на рамницата кај бачилото.
Бидеќи повеќето членови прв пат идеа на овој терен, одлучив прво да одиме на Убава, искачувајќи го Остри врв и сите други неименувани врвови по гребенот, а потоа од последниот врв на гребенот пред Убава, да одиме на Караџица. На Убава стигнавме во 12.00 часот, а на врвот на Караџица после точно 2 часа пешачење од Убава. До врвот Караџица искачивме точно 8 врвови, секој нареден повисок за 100/200м од претходниот. Поради убавото сончево време, на врвот на Караџица останавме еден час. Времето беше толку чисто и јасно, што се гледаа сите врвови на Шар Планина, почнувајќи од Љуботен, преку Пирибег, Чаушица, Бистрица, Црн врв, Кобилица, Титов врв, Бориславец, Враца, потоа Кораб, Дешат, Крчин, Јабланица се до Галичица и Пелистер.
До самиот врв на Караџица, одејќи по гребенот, скоро да и не згазивме снег. Од врвот на Караџица се спуштивме директно по снегот надолу, до големата дупка која и во јули месец е полна со снег. Спуштајќи се кон Патишка Река, имавме прилика во 3 наврати да видиме диви кози. Во селото се спуштивме во 19.00 часот , точно после 11 часа непрекинато пешачење, од каде после 1 час возење стигнавме во Скопје.
Текст: Живко Темелкоски
Фотографии: Горан Николовски.