Извештај од акцијата Кораб и Пројфелски Водопад
Согласно програмата на планинарски акции на клубот, за викендот 12/13 јуни беше определена акцијата, искачување на КОРАБ и посета на водопадот на Длабока река или Пројфелски водопад.
На состанокот на клубот за оваа дводневна акција се пријавија: Јас_Живко Темелкоски, Сашо Божиновски-Саленио, Стојан Нацевски, Васил Трендафилов, Славко Стефанов, Пепи Димитровски, Драги Петров, Јане Мирчевски и Горан Атанасовски, кој навреме се откажа и на негово место дојде новиот член на клубот, Ацо Јованов.
На акцијата за Кораб се тргна на 12 јуни, сабота во 5.00 часот. На акцијата за Кораб ни се приклучија и Влатко Лазаров, Ица Цветковска и Петар Митров кои дојдоа со приватно возило на Влатко.
Нашето комбе и 101-от на Влатко ги паркиравме пред мостот во близина на караулата. Околу 07.00 часот се упативме за Кораб.Имаќи во предвид дека на Кораб бевме пред 3 недели кога снегот почнуваше од бачилото и нигде немаше место каде можеше да се наполни вода за пиење, ги предупредив учесниците да наполнат поголема количина вода од потокот кај бачилото.
Како и секогаш кога одиме на Кораб, ја користевме патеката преку гребенот. Премногу снег. Кога излеговме на гребенот и се виде Кораб, видовме дека скоро да нема парче суво место. Се беше покриено со премногу дебел слој на снег до самиот врв на Кораб.Карпата од која секогаш тече вода и од која обично полниме шишиња со вода, сека како да не постоеше. Беше покриена со снег и не знаевме каде точно се наоѓа под снегот. Учесниците кои бргу ја испиле водата која ја наполниле кај бачилото, мораа да полнат снег во шишињата и така да доаѓаат до некоја капка вода.
Бидеќи времето беше многу топло, на самиот врв останавме околу 1 сат. Се спуштивме преку нормалната патека низ Кобилино поле. Некаде во далечина на теренот на Кобилино поле во правецот на врвот Кабаш видовме некое животно кое неможеше да биде друго нешто освен мечка која копаќи во земјата и сигурно вадејќи корења ја менуваше својата положба но никогаш не отиде подалеку за да можевме добро да ја видиме и да бидеме сигурни дека тоа беше мечка.
Вечерта спиевме во шатори на просторот пред караулата, додека Влатко , Ица и Петар си заминаа истиот ден за Скопје.
Другиот ден, го напуштивме Стрезимир во 05.00 часот и се упативме за село Нистрово од каде тргнавме за водопадот на Длабока река. Во селото Нистрово кое е стартно место за водопадот, пристигнаа и други групи кои имаа за цел посета на водопадот. Бидеќи сме биле неколку пати на водопадат, знаеме дека на две места треба да се помине реката, кое поминување не е едноставно. Меѓутоа поради големиот снег оваа зима, на двете места а посебно на првото, каде се поминува реката паднале големи лавини кои ја измениле конфигурацијата на теренот, поминувањето преку реката ни беше поедноставено.Првата лавина е толку голема и во должина и широчина така што поминувањето а како поминување преку мост на река, само што треба да ги прескокнувате сите големи дрва кои лавината ги понела на својот пат.
До самиот водопад пешачевме околу 5/6 часа. Пред да стигнеме до водопадот ги сретнавме нашите членови од клубот Мики Таневски, Сашо Перовски со сопругата Марија и Томас кои се враќаа од водопадот. Водопадот за разлика од сите претходни години кога сме биле е полн со вода и е најголемиот водопад во Македонија 138 метри, и преставува големо задоволство да се застане пред него. Пред самиот водопад има голема количина на снег односно мраз под кој поминува водата од водопадот, која сигурно е падната лавина од врвот на водопадот. Во непосредна близина на водопадот останавме да ручаме и да одмориме околу 1 сат после што се упативме кон Нистрово каде точно после 4 сата пешачење со појако темпо пристигнавме. Во Скопје пристигнавме околу 21.00 часот.
Текст: Живко Темелкоски
Во продолжение погледајте и фотографиите од Кораб и водопадот од нашите членови кои носеа фотоапарати како Саленио, Јане, Васил, Ацо...




























