Планинарски Спортски Клуб - БИСТРА

 

Од 03 Август состаноците се одржуваат од 18.00 часот

 
 
 
Август
 
 





 

Извештај од акцијата

Стогово и Бистра

 

На состанокот на клубот одржан на 06 јули, како акција за нареден викенд, беше договорена акција по календарот на акции на клубот, Јабланица и Галичица за која се пријавија поголем број на членови, меѓутоа после многу договарање на крај остана да се реализира акција за Стогово и Меденица, акции кои беа пропуштени во изминатиот период.

 

На оваа акција учествува, јас Живко Темелкоски, Славко Стефанов, Сашо Божиновски-Саленио, Стојан Нацевски, Ица Цветкова,  Ацо Јованов, Раде Димовиќ и  Никола Тортевски.

 

 Од Скопје тргнавме во 5.30 часот. Во село Гари пристигнавме околу 8.30 часот. Од село Гари се упативме за Бабин срт-2242м. Доручек имавме кај црквичето Св.Петка, на пола сат пешачење над селото. На патот кон Бабин срт, го посетивме првото бачило каде домаќините ни изнесоа и не почестиа со пресно овчо сирење. На Бабин срт пристигнавме во 12.30 часот. Бидеќи одлучивме да ноќеваме на ливадата пред село Галичник, за што ни беше потребно време за пристигање до таму, решивме да не одиме на Голем рид, туку веднаш да се симнеме во село Гари. При симнувањето дирекно надолу,  поминавме низ бачилото кое ни беше на патот каде исто така не почестиа со пресно овчо сирење. На патот до селото се задржавме кај една цреша чии ситни цреши беа 100 пати поблаги од најкрупните Охридски цреши.. Од село Гари заминавме во 18.30 часот. На патот за Галичник застанавме кај мостот Еленов скок за кој повеќето од членовите  гледале само  реклами за ’’Македонија вечна’’. Направивме посета и на манастирот Св.Јован Крстител - Бигорски.

 

Кога пристигнавме пред Галичник, 20.30 часот, комбето го паркиравме на ливадата пред селото, каде веќе имаше подигнато повеќе шатори на планинари од Бугарија, Струмица, АСК Стенае од Неготино т.е. Фено кој по трет пат ја промовира и поминува планинарската трансверзала Патот на Винотои на 6 моторџии од Романија. За кратко време и ние подигнавме 3 шатори во кои се сместивме.

Утрото моравме да ги дигнеме шаторите порано, бидеќи полицијата настојува целиот простор на ливадата да го претвори во паркинг со прописно паркирани возила. За кратко време дојдоа колони од возила со единствена цел посета на Галичка свадба. Кога веќе сме на овој терен, ние секогаш правиме прво посета на свадбата и на црквата Св.Петар и Павле, поседуваме околу 1 час на свадбата и потоа заминуваме на Меденица, 2163м, највисокиот врв на планината Бистра. При искачувањето на Меденица, ни се приклучија и Сашо Перовски и неговата сопруга Марија кои ноќевале во шатор поставен веднаш над селото. Одејќи кон врвот сретнавме повеќе змии – поскоци, за што ни беше скренато внимание од страна на планинарите од Струмица кои биле на врвот  претходниот ден. На врвот се задржавме кратко време бидеќи почна ситно да врне што траеше кратко. На симнување од Меденица како и секогаш собравме чај мајчина душица, диво нане, кантарион, бозел и од селото Галичник купивме кој сирење, кој урда или кашкавал. Во Скопје пристигнавме во 20.15 точно за финалето на светското првенство во фудбал помеѓу Шпанија и Холандија.  .

Текст: Живко Темелкоски

Фотографии: Ацо Јованов

Посетеност на сајтот
Денес: 35
 
Вкупно: 14863
 
oд март 2010
horvat horvat
Play chess online