Богомила - Водно

Видео-сторија за есенскиот маратон Богомила-Водно http://www.youtube.com/watch?v=ioBdFuOypeQ

 

АКЦИЈА НА ПЛАНИНИТЕ БИСТРА И ШАР ПЛАНИНА, 05-06.ЈУЛИ 2008


Оваа акција се изведе во првиот викенд од месец jули на две планини во Македонија, саботата - на Бистра, а неделата - на Шара.

САБОТА - Според договореното, тргнување - во 6 часот наутро.
Заминуваат 8 членови од ПСК Бистра - Скопје (6 машки и 2 женски членови), а во Гостивар ни се приклучува и еден член од ПК Бистра - Гостивар (клуб со кој одржуваме пријателски релации и повремено се дружиме на заеднички акции, наши и нивни).
Од Скопје преку Маврово се упативме по патот кон Галичник и по месноста Царевец на превојот пред Смрдливи вирови завртивме во лево кон дел од скијачките терени на Бистра. Се движевме по макадамски 7 км долг пат што поминува во близина на месноста Салтаница и стигнавме до ливадата Смрека, од каде ја започнавме турата. Се насочивме во јужен правец и по 30 минути стасавме до подножјето на Ќурков дол. Искачувањето продолжи во југозападен правец по сртот на Ќурков дол, со средно темпо, без брзање, со повремени дискусии. На врвот Ќурков дол (2110 мнв) пристигнавме по 2 часа пешачење. Задоволството од искачувањето на врвот и погледот кој се простира од него кон околните планински масиви Кораб, Дешат, Крчин, Стогово ... беше очевиден кај сите членови.
Направивме кус одмор и заминавме во југоисточен правец, спуштајки се до седлото помеѓу Ќурков дол и Голем Брзовец, а оттаму по благо искачување - ете не и на врвот Голем Брзовец (2051 мнв).
Карактеристично за овие 2 врва и падините околу нив е присуството на огромен број разнобојни цвеќиња кои придонесуваат за уште поубав впечаток и уживање во глетките кон нив. Спуштањето беше по друга патека, по ливадите помеѓу Ќурков дол и Плоча. Во комбето бевме во 14.30часот.
Времетраењето на турата е 5.30 часа за кое изминавме 12.3 км и совладавме 500м надморска висина.

НЕДЕЛА - Почетокот на денешната тура беше од селото Горно Јеловце во 5.30 часот. Се движевме во северен правец по патека која започнува од селската црква. Временските услови беа неповолни, бидејќи утрината се појави големо испарување што личеше на магла и придонесе намалена видливост (до 30м) и зголемена влажност што предизвика обилно потење и покрај релативно пониската температура на воздухот.
Движењето беше со средно темпо и по 1.30 час одење во северен правец, ја променивме насоката на движење продолжувајќи во северозападен правец движејќи се по изохипса на иста надморска висина околу 30-40 минути. До преминот Будимов гроб ни требаа 3 часа, а оттаму се упативме на врвот Кучибаба (2210 мнв). Поради неповолните временски прилики групата одлучи, тука, на врвот Кучибаба да биде крајната цел на денешното искачување. По подолг одмор се упативме кон селото Горно Јеловце, па кон планинарскиот дом Шарски води каде и преноќивме претходната вечер.
Искажуваме голема благодарност кон ПСК Бистра - Гостивар што ни овозможи како и секогаш до сега, да се чувствуваме вистински домаќини во нивниот планинарски дом.
Турата низ бројки: 7 часа движење, 13.8 км изодена патека и искачување од 1000м надморска висина. Со искачување на 3 врва повисоки од 2000 мнв, сметаме дека акцијата е успешно изведена.

Во прилог погледајте неколку фотографии од оваа акција.

Поглед кон врвот Ќурков дол (Бистра)

На врвот Ќурков дол, 2110 мнв

На врвот Голем Брзовец, 2051 мнв

Поглед кон Крчин, Дешат, Бистра

Падините на Бистра со врвот Меденица

Поглед од врвот Ќурков дол кон Мавровско езеро

Поглед кон Мали Шар и Сандакташ

Поглед кон падините на Бистра

Поглед кон падините на Бистра

Поглед кон падините на Бистра

Поглед кон падините на Бистра

Поглед кон падините на Бистра



Текст и фотографии: Ивановски Горан

12.07.2008



Англиска верзија