|
Согласно програмата на ПСК Бистра за 07 и 08 јуни оваа година беше утврдена акцијата „Стогово и Длабока река“. За оваа акција на состанокот на кој се утврдуваше програмата за реализација се пријавија Живко Темелкоски, Ване Исаиловски, Никола Тодоровски, Душко Стојановски, Јане Стојановски, Ислам Адиловски, Даниел Филиповски, Буран Сали и Гоце Пановски.
На пат се тргна во саботата во 06.00 со комбето на клубот. Со оглед на тоа што поголем број на планинари имаат слушнато за најголемиот водопад во РМ а ретко кој може да се пофали дека бил и одблизу го видел, одделни членови на новото план. друштво „Македон“ од Скопје кои виделе на нашата веб страница дека имаме предвидено акција за Длабока река и посета на водопадот, во периодот пред акцијата телефонски контактираа со мене во смисла да ја искористат нашата акција и заедно со нас да дојдат со нивни превоз на оваа акција.Така 9 члена од наведеното друштво Македон патуваа заедно со нас до селото Нистрово каде ги оставивме возилата и се упативме во правец на водопадот. Патот за селото Нистрово се издвојува десно од патот Маврови Анови – Дебар, некои 2-4 км после издвојувањето за Стрезимир. Од селото Нистрово во далечината се гледа водопадот до кој има 4-5 часа пешачење по течението на самата река. Патеката води преку селото Жужње. Реката скоро за цело време поминува низ шума која на одредени места е тешка за поминување. Реката на две места треба неизбежно да се премине што со оглед на надојденоста на реката поради топењето на снеговите е доста отежнато и е потребно поголемо внимание. Истиот ден пред нас на оваа акција се упатиле и планинари од Пл. Друштво Бистра од Гостивар заедно со ТВ екипа, водени од извесен Г-дин Коста од Галичник кој ја познавал патеката до водопадот покрај самата река. Членот од Бистра Гостивар, Благоја Дамјановски кој е и наш член, во договор со нашиот член Сали, ставал маркации на сите погодни места на патеката се со цел да немаме проблем при движењето, за што сме му благодарни. Од двете страни на реката,од стрмнините се спуштаат помали и поголеми потоци кои ја збогатуваат и зголемуваат реката. По излезот од шумата, кога водападот е пред вашите очи, за да се стигне до него ви се потребни најмногу околу 1 час. Водопадот е импресивен. Неговата височина е околу 137 м. За жал водопадот е од времен карактер, само додека се топат снеговите. Потоа нема ништо од него. Поради ова ако некој сака да го посети и да го види во неговата полна сила и импресивност, тоа треба да го направи најкасно до 15 јуни под услов да зимата била обилна со снегови.
На враќање со цел да не се враќаме по истата патека по течението на реката, се вративме по горниот дел од шумата, кој пат воопшто не е за препорачување, бидеќи на одредени места маркацијата се губи, цело време се наоѓате во густа шума и немате никаква прегледност на теренот околу вас. На крај патеката се симнува и ве внесува во селото Жужње, покрај самата црква и продолжувате по веќе познатата патека по која сте дошле претходно до селото. За жал селото Жужње е напуштено, и поголем број од куќите се разрушени и остава многу лош впечаток. Се е зараснато, од нигде не може да се слушне глас на човек или некое домашно животно. Во селото нема останато ни еден жител, барем во летниот период.
Кога стигнавме во селото Нистрово и се средувавме за пат за селото Гари каде наредниот ден требаше да одиме на Стогово, поради силниот дожд кој почна да паѓа, падна предлог акцијата за Стогово да ја оставиме за прилика кога ќе патуваме на некоја друга акција во тој предел, и да заминеме за Скопје. За цело време на патувањето до Скопје не следеше силен дожд.
Во прилог погледајте неколку фотографии од оваа акција.
|
|