|
Во периодот од 20-22.06.2008 се одржа акцијата на ПСК Бистра - Скопје на подрачјето на централниот планински масив во РМ, што ја реализираа 6 членови во мешовит состав (3 женски и 3 машки членови), со старосна структура помеѓу 25-65 години.
Придржувајќи се на договореното од состанокот, се тргна од Скопје со клубското комбе во петокот, во 18 часот кон селото Папрадиште. По пристигнувањето во 20 часот, веднаш тргнавме по кружниот пат што води до планинарскиот дом Чеплез. Со оглед на тоа што членовите на групата беа опремени со ноќни светилки, движењето кон домот не преставуваше никаков проблем. Пристигнавме во 22 часот.
САБОТА - Турата започна од пл. дом Чеплез во 6 часот и се одвиваше во северозападна насока кон Горна Бабина Дупка, Плавник и по билото на Даутица до самиот врв (2383 мнв). Оттука се простира прекрасен поглед кон планините Јакупица, Kараџица и областа Поречје. По кус одмор, следеше остро слегување кон Солунско поле, па преку преминот Попов гроб, во северен правец, заобиколувајќи го врвот Попово брдо, групата излезе на седлото, од каде започнува билото на Караџица, по што следуваше искачување на самиот врв Караџица (2472 мнв). Погледот од врвот навистина пленува. Тој е главен ортографски јазол на централниот планински масив во РМ составен од 5 планини: Јакупица, Караџица, Даутица, Китка и Голешница. До тука, турата одзема 8 часа, а беа поминати 15,61 км. Враќањето беше во југоисточен правец низ Солунско поле, Горна Бабина Дупка, Аргачот, се до планинарскиот дом Чеплез. Турата временски траеше 13 часа, беа изминати 31 км и совладана висинска разлика од 1400м.
НЕДЕЛА - Целта на денешната тура беше врвот на Јакупица - Солунска Глава. Искачувањето кон него беше по стандардната патека, а целата тура траеше 7 часа. По враќањето во домот следеше кус одмор, ручек и заминување кон селото Папрадиште во 15 часот.
Акцијата ја оценуваме како мошне успешна, времето беше погодно за планинарење. За целото времетраење на акцијата провејуваше дух на ведрина и другарство, пропратено со многу досетки и вицови во релаксирачка атмосфера пријатна за учесниците.
Фотографиите можат да го потврдат веќе кажаното.
|
|