|
Согласно програмата на планинарски акции на ПСК „Бистра“ при МВР Скопје, за периодот од 28 јули заклучно со 05 август оваа година е предвидена реализација на Маратонот „ИЛИНДЕН 1903-2008“ СКОПЈЕ-КРУШЕВО-ОХРИД по повод 105 години ИЛИНДЕН.
Програмата за овој маратон беше изготвена уште во почетокот на годината и благовремено дистрибуирана до сите планинарски клубови/друштва во Р. Македонија како и до многу планинарски клубови/друштва во соседните држави.
Оваа планинарска акција е содржана и во програмата на МПА. Организацијата на овој маратон беше подржана и од ФПСМ.
Целата организација за овој маратон ја водеше Благој Петрушевски член на ПСК Бистра, кој досега учествувал на сите 22 маратона и бил организатор и водич на истите.
Врз основа на испратените писма за учество на овој маратон, благовремено се пријавија 7 учесници од планинарски клубови/друштва од РМ и еден учесник од Р. Србија, од градот Чачак. Пријавени учесници освен Благој Петрушевски од ПСК Бистра се и Александар Богдановски од Охрид на кој ова му е 19-то учество на маратонот, Лена Дамовска од ПД Кораб на која ова и е 16-то учество, Радица Арсовска од ПД Кораб на која ова и е 5-то учество, Божидар Стојановиќ од Скопје на кој ова му е 5-то учество, Диме Петровски од Скопје на кој ова му е второ учество, Сашо Божиновски од ПСК Бистра на кој ова му е прво учество и Милорад Поповиќ од Чачак Р.Србија на кој ова му исто така прво учество на маратонот.
Имајќи во предвид дека организацијата на овој маратон е подржана и од ФПСМ, од страна на претседателот на ФПСМ, Проф. Д-р Јовица Угриновски беше испратено писмо за запознавање до Г-динот Ерван Фуере, амбасадор на ЕУ во РМ. Од негова страна беше подржана организацијата на овој маратон и сите учесници на маратонот беа поканети на прием во резиденцијата на амбасадорот во Козле под Водно, во понеделникот на 28 јули вечерта. Амбасадорот во име на учесниците одржа мал говор во кој го поврза историското минато на нашата држава со државата Ирска од која тој доаѓа, ги поздрави учесниците на маратонот и во нивно име наздрави и сите присутни ги покани на коктел. Амбасадорот Фуере и сите присутни беа подетално запознаени со програмата на овој маратон од страна на Г-донот Благој Петрушевски, организатор и водич на маратонот. Г-динот Фуере на овој прием за учесниците на маратонот, најде време одделно да поразговара скоро со сите учесници на маратон.
Наредниот ден, на 29 јули во 8 часот сите учесници согласно програмата за маратонот се собраа пред црквата Св. Спас каде положија цвеќе на саркофагот на великанот на Македонија, Гоце Делчев. На овој чин присуствуваше и Г-динот Фуере, Амбасадор на ЕУ во РМ кој уште еднаш ги поздрави учесниците и им посака добро време и здрави живи да стигнат во Крушево, каде од негова страна беше ветено дека ќе ги пречека во времето кое според програмата водичот Петрушевски му го посочи како време во кое треба да пристигнат на споменикот на ИЛИНДЕН, околу 12.00 часот на 01 август.
На овој чин на полагање цвеќе на саркофагот на Гоце Делчев присуствуваше и градоначалникот на Општина Кисела Вода, Г-динот Ѓорѓе Атанасовски кој исто така ја имаше поддржано оваа акција.
На самото испраќање на учесниците на овој маратон од страна на претседателот на ПСК Бистра при МВР Скопје, Г-динот Живко Темелкоски на Г-динот Ерван Фуере, Амбасадор на ЕУ во РМ му беше изразена голема благодарност за изразувањето поддршка на овој маратон и на самите учесници. На ова од страна на амбасадорот Фуере беше одговорено дека него му причинува големо задоволство што тој има можност да ги поздрави, да им посака се најдобро на учесниците и дека тој жали што тој нема доволно време да им се приклучи, но затоа ќе биде во Крушево да ги пречека и да им честита за успешно поминатиот маратон.
После ова, учесниците со нивните големи ранци (секој тежеше околу 25-30кг) со комбето на ПСК Бистра беа префрлени до Драчево (кај дрварата) од каде со џип беа префрлени до Преслап, од каде требаше со ранците на грб да се упатат за Бегово, под Солунска глава каде ќе ноќеваат првата вечер.
Според програмата, наредниот ден на 30 јули преку Солунска глава, Горна Бабина дупка, Миланово бачило, Мочур треба да пристигнат во село Крапа каде ќе ноќеваат. На 31 јули од село Крапа преку село Дебрешта, Борино, треба да стигнат во село Селце каде ќе ноќеваат. На први август околу 12.00 часот треба да пристигнат во Крушево и попладнето да учествуваат во поворката за положување на цвеќе на Илинденците. На втори август на ИЛИНДЕН ќе присуствуваат на народниот собир на Мечкин Камен и традиционално ќе учествуваат на акцијата за крводарување.
На трети август преку село Кочишта, село Радово село Доленци, село Бабино треба да пристигнат во село Базарник каде ќе ноќеваат. На четврти август преку Илинска – Плаќенска планина, преку Речица треба да пристигнат во Охрид, каде на секој учесник ќе иму биде доделено признание за учество на овој маратон. На петти август согласно програмата треба да имаат организирана посета на културно историските споменици во Охрид со што овој маратон завршува.
Во продолжение погледајте неколку фотографии од приемот кај амбасадорот Фуере и од положувањето цвеќе на гробот на Гоце Делчев.
|
|