|
МАКЕДОНСКОТО ЗНАМЕ НА ВРВОТ НА ОЛИМП
Од Планинарскиот сојуз на Македонија прогласени за најдобро друштво за 1994 и 1995 година
Планинарството во Македонија во последно време добива се повеќе свои приврзаници. Спорт кој се одвива далеку од градскиот асфалт, спорт за луѓе кои ја сакаат, ценат и почитуваат природата. Еден од најактивните клубови е планинарското друштво „Бистра“ од Скопје чии планинари неодамна постигнаа уште еден голем успех - се искачија на Олимп, на врвот од „куќата на боговите“.
- Да, тоа беше наша приоритетна цел оваа година, ни реше Живко Темелковски, претседател на ПД „Бистра“. За оваа задача „ковавме“ планови повеќе години и еве успеавме во тоа. На Олимп први го поставивме нашето ново македонско знаме и горди сме на тоа, вели Темелковски првиот човек на друштвото. Успехот е дотолку поголем што иако искачувањето беше напорно а самиот врв бараше алпинистичка умешност, на врвот се искачија 22 планинари.
Инаку ПД „Бистра“ е формирано пред 35 години, во кое членуваат 150-тина планинари од кои 50 се поактивни, беше прогласена за најдобро друштво во земјата од Планинарскиот сојуз на Македонија во изминатите 2 години.
- На што се должи ваквиот успех?
- На почетокот од секоја година донесуваме годишна програма на активности од која не отстапуваме, а искуствата ги разменуваме на редовните состаноци.
- Како ги обезбедувате потребните средства за планинарски акции? - Нашето друштво е домаќин на планинарскиот дом на врвот на Водно и со пожртвувана и самоиницијативна работа на нашите членови ги обезбедуваме финансиските средства потребни за одржување на секоја акција.
- Кои се досегашни ваши позначајни остварувања?
- Покрај искачените врвови во државата, нашите членови имаат освоено голем број меѓународни врвови, меѓу кои: Мон Блан, Килиманџаро, Маунт Кенија, Ерџијас, Арарат, Мусала, Кавказ, Триглав ... Да го споменам и искачувањето на Кораб кое го организиравме по повод самостојноста и независноста на Република Македонија, како и нашиот традиционален планинарски маратон Богомила - Солунска Глава - Караџица - Водно со должина од околу 100 километри.
- Ваши идни активности?
- Оваа година планираме да ги совладаме Татрите во Словачка, како и да ја поминеме бугарската планинарска трансверзала.
Напис од весникот „Нова Македонија“ од 08.07.1996 год. 30.01.2008
|
|