Богомила - Водно

Видео-сторија за есенскиот маратон Богомила-Водно http://www.youtube.com/watch?v=ioBdFuOypeQ

 

ИЗВЕШТАЈ ОД ТРАДИЦИОНАЛНИОТ ПЛАНИНАРСКИ МАРАТОН „ИЛИНДЕН 2007“

По повод одбележувањето на националниот празник на македонскиот народ „ИЛИНДЕН“ планинарите од неколку планинарски друштва од Р.Македонија, вкупно 6 учесници, на возраст од 32 до 65 години, ја поминаа трансверзалата од Скопје-Крушево-Охрид во должина од 200 км.

Походот започна на 29 јули, со положување цвеќе на саркофагот на македонскиот великан Гоце Делчев во Црквата Свети Спас, а после неколку фотографии продолжи со обезбеден превоз поминувајќи низ Драчево-Количани-Црвена вода стигна до подножјето на Китка-Преслап- Кадина река. Колоната со тешки ранци на грбот, психофизички добро подготвена пешки продолжи по беспатијата на централна Македонија, по трагите на Илинденците. Групата по идеални временски услови, по неколку попатни паузи ги измина местата Мала Река, Демирова ливада, споменикот на руските пилоти на Сипичан изворот, за да околу 17 часот стигне на Дуње под Бегово. После мала пауза полека во колона се движевме во правец на Солунска Глава во подножјето на првата куќичка. Бидејќи куќичката беше полна со разни отпадоци ја очистивме и оспособивме за ноќевање. После вечерата сите заминавме на ноќевање.

Утрото 30 јули рано уште во 4.00 часот почнавме со припреми за искачување кон Солунска Глава. Во 4.40 часот групата појде по долгиот пат, избегнувајќи гранки и трева со што се продолжи времетраењето. По кружниот пат од лева страна на седлото под Солунска глава стигнавме после 6 часот. Краток одмор и продолжуваме сега по изохипса во правец на Горна бабина дупка. Над нас е врвот Солунска глава а по нас е Солунско поле од каде се гледаат врвовите на планината Караџица, а под нас Боро поле- Поречијата. Темпото полека се усогласува. Стигнуваме над Горна бабина дупка во 7 часот на местото на трагичното загинување на алпинистите под врвот на Плавник. Краток одмор со доручек. Се одлучивме да одиме горе на Даутица. Почнавме да се искачуваме по камењарот некаде околу 2000 мнв, стигнавме на раскрсницата, се ориентираме. Влегуваме во друг дел од природата, тука е Врата пресечена планината природен процеп каде се искачуваме. После тоа почнува ново спуштање и нов врв за искачување. Оттука се пружа прекрасен видик, панорама кон Поречијата, кон Боро поле и езерото со браната Козјак. Сега се спуштаме, па пак се искачуваме кон врвот Даутица каде има мало изворче. Ако не е пресушено планираме да се одмориме. Продолжуваме напред и лево од врвот Даутица почнуваме да се спуштиме надолу кон седлото на Миланово бачило, кое се наоѓа над с. Орешје над Богомила. Времето е променливо но групата тешко но сигурно напредува кон изворот Ајдучка чешма, каде беше планирано да ручаме. Малку се окрепивме околу еден час и продолживме кон врвот Мочур 2000 мнв. Од изворот почнуваме да се искачуваме кон врвот Мочур, богато место со боровинки. Се спуштаме надолу по течението на Крапска Река. Се ладиме, се бањаме, се перема. Од тука почнуваат изворите, стотина поточиња - затоа и така се вика планината Мочур. Продолжуваме по река надолу до патот, сега полека имаме време. Се одмараме, може и кафе пауза до 18 часот. Стигнуваме во Крапа пред училиштето, клучот веќе го донесоа мештаните, ја чистиме собата, местиме вреќи за спиење, подметачи, секој си зафаќа простор за ноќевање. Вечераме а потоа одиме на освежување во кооперација на пиво.

Утрото 31 јули станување, припреми, миење. 7 часот - групата ги зема сите отпадоци , ја чисти просторијата, заклучуваме и тргнуваме сега надолу по пат до понорницата, а од таму Стојан Нацевски се враќа за Скопје.Групата продолжува према према Краста се префрламе кон с. Дебрешта каде се одмараме, доручкуваме, набавуваме потребни намирници( последна станица каде може да се купат потребни хранливи продукти). Времето денес е пријатно за пешачење и лесен е патот, рамен по асфалт до с.Борино каде се одмараме и освежуваме, а од таму почнува искачувањето. Откога се одморивме во Борино во 13.30 часот тргнавме кон село Селце полека со уживање без брзање бидејќи се беше убаво. Ја поминавме рекичката и полека стигнавме до големиот даб кој ние секоја година го викаме ”Крушката“. Тука направивме мал одмор со кафе пауза. После одморот од еден час полека се искачуваме низ шума. Излегуваме низ шума по асфалтен пат од каде се гледа малото село со прошарани куќи од кои многу паднати и со по некоја обновена. Веќе сме пред селската чешма каде ги оставивме ранците. Влегуваме во селската куќа каде се чува клучот од училиштето, се поздравуваме со мештаните, неколку старци, им ги даваме сликите од минатата година, го земаме клучот, се сместуваме и на спиење.

1 Август. Групата се слика пред училиштето кое не работи, нема деца. Сега е 7.45 часот и одиме во правец на Крушево , само нагоре и нагоре, полека но сигурно стигнуваме на чешма, се освежуваме и одмараме. Уште малку и тука сме. Го гледаме споменикот, се сликаме и продолжуваме пред езерото, уште една фотографија и продолжуваме до Шула мина каде се сместуваме. Се одмараме, тушираме и припремаме за поворката за свеченоста на Илинденците-положуваме цвеќе. Во 20 часот започнува свеченото отворање на Илинденската средба по повод 10 дена Крушевска Република. Следува огномет, песни, игри до касно во ноќта.

2 Август. Времето пријатно. После доручек се подготвуваме за тргнување. Ќе одиме низ град во правец на Мечкин камен. Попатно излегуваме до бензиската пумпа. Сите патеки водат кон славниот Мечкин камен. Се префрламе по пешачката кружна патека за да после еден час излеземе кај споменикот. Се одмараме, бараме познати, се поздравуваме. Отидовме кај крводарителската екипа. Двајца се одлучија, дадоа од својата драгоцена течност. Се одмараме. Народот е поделен едни на Мечкин камен едни на Пелинце. Се слушаат песни, смеи, говори И се брзо завршува и народот се повлекува кон своите места на живеење. Групата планинари, враќајќи се низ градот, набави потребни продукти и вечерта замина на одмор и припреми за наредниот ден. На Мечкин камен ни се приклучи и Ѓоко за Охрид.

Утрото на 3 Август - 4.00 часот. Небото го осветлува патот. Времето свежо, пријатно е за пешачење и темпото е побрзо. Грабиме напред, теренот е променлив, лесно се качуваме и спуштаме, веќе сме во с. Кочишта пред чешмата во 7 часот. Седнуваме и се одмараме. Сега се искачуваме во правец на с.Радово. Тука се одмараме. Млади нема, нема патишта, нема амбуланта, нема училиште, со еден збор треба многу за да се врати животот во селото. Продолжуваме малку нагоре, надолу, пак нагоре -надолу, неколку одмори и веќе сме во с. Доленци после 11.30 часот пред кооперацијата. Тука сме со мештаните, се поздравуваме, разговараме, се освежуваме со ладно пиво, сок. После два часа добар одмор продолжуваме кон село Бабино. За триесетина минути пешачење стигнуваме пред рибникот. По еден час одмор тргнавме кон дестинација селото Базерник. крајна точка на ова патување на 1000 м.н.в. каде ќе престојуваме и ќе ноќеваме. Тука се домаќините, тука е Стојче, тука се сите млади и стари пред кооперацијата, се се одвива тука. Припремивме место за ноќевање. Вечеравме, се напивме пиво, сок, природно ладна кисела вода од изворчето, на крајот некоја скриена стара песна и спиење. Му благодариме на Стојче со фамилијата за скромната вечера.

Петок 4 Август, пред 4 часот сите се на нозе, се пакува и подготвува за последниот врв Илинска- Плакенска Планина на 2000 м.н.в. Сите се спремни со ранците, се чисти просторијата и сите пред кооперација. Рано е 04.00 часот уште светат сите ѕвезди. Групата тргна само нагоре и нагоре, нема надолу. За два часа сме на изворот, се освежуваме и одмараме и пак тргнуваме нагоре. Никаде крај нема видикот, цело време одиме низ густа букова шума. За четири часа врвот беше искачен 2000 мнв, одиме до изворот и време е за доручек, одмор, пауза. Доручек, ручек, кафе, берење боровинки. Почнуваме сега да се спуштаме, сето тоа што го качувавме сега треба да го симнеме. За еден час сме во с. Плаќе. 10.00 часот е. Пред чешмата се одмараме. Време е за тргнување. Се спуштаме во село Речица. Се освеживме на реката каде има повеќе валалници а потоа продолживме уште еден час до каменоломот Прентов мост на патот Ресен-Охрид. Се одмараме и чекаме возило. Возилото дојде во 13.10 часот, се качивме и правец кон Охрид. Стигнавме пред Вечниот чинар во Охрид, се сликаме и правец кон рекреативниот центар Партизан , каде се сместивме. Имаме гратис престој. Се освежуваме во водите на Охридското Езеро.

Сите се задоволни од она што го доживеавме во изминатите денови со желба спомените вечно да траат бидејќи оваа 21 годишнина од маратонот Илинден убаво си поминавме. Времето беше идеално, за пешачење и дружење.

На 5 Август групата заминува за Скопје, кон своите домови.

* За успехот на акцијата треба да се заблагодариме на ПСК Бистра кој за првпат ја презедоа целата организација на маратонот “ИЛИНДЕН” 2007;
* На ФПСМ кој даде морална подршка;
* На ДТВ Партизан - Федерација за гимнастички спортови Битола за одобрен престој - ноќевање во Охрид;
* На Управникот на Шула Мина за поефтин престој во објектот;
* Да им се заблагодариме на мештаните за ноќевањето во училиштата попатно и на Стојче и фамилијата;
* Голема благодарност на сите кои со било каква помош или подршка допринесоа походот да започне и успешно да заврши.

Веруваме дека на 6 учесника на маратонот овие осум дена ќе им останат во трајно сеќавање за целиот свој живот и ќе сакаат да учествуваат и во наредните години.

Водичи на походот:
- Благоја Петрушевски
- Александар Богдановски


22.05.2008

Дополнување - Фотографии од поранешни походи:






















23.06.2008


Англиска верзија